Во рамки на истрагата за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија, по наредба на јавен обвинител запечатена е една просторија од охридскиот Музеј. Воедно на седуммина од осомничените за кражбата на артефакти им е одреден триесетдневен притвор, додека Паско Кузман останува во домашен притвор. Од Завод и Музеј Охрид, попладнево информираа дека освен едната просторија која е запечатена, институцијата работи непречено и се извршуваат работните обврски.
Како што соопшти министерката Јанкулоска – “Врз база на досега документираните сознанија, МВР поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела поднесе пријави против програмскиот директор и ракувач на депото во НУ Музеј на Македонија, за сторено КД „Несовесно работење во службата“ казниво по чл.353-в, 1., лицето П.Ј. потоа против поранешниот директор на Музејот за сторени КД „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, против едно физичко лице, златар од Скопје за сторено КД „Поттикнување“, како и против тројца вработени во установата, но и поранешниот прв човек на Управата за заштита на културно историското наследство за сторени „Злоупотреби на службената положба и овластување“.
Според досега документираните сознанија, пријавената кражба на предметите, односно несовесното ракување со нив се случило во перидот од 2011 до 2013 година. “Можеме да кажеме дека во текот на истрагата дојдовме и до други фрапантни сознанија и факти. Имено, беа откриени огромен број на предмети што ни укажа дека несовесното работење во службата се провлекувало многу години наназад. При претресот во делот на работната просторија и службената канцеларија во НУ Музеј на Македонија, а кои ги користат двајца од пријавенитебеа пронајдени се вкупно 29.472 монети, а при увидот во инвентарната книга утврдено е дека до 1997 година евидентирани се вкупно 3323 монети, а од 18.01.2001 година до 15.09.2003 година вкупно 18 монети или севкупно во НУ Музеј на Македонија со инвентарни броеви евидентирани се 3341 монета“, истакна Јанкулоска.
Како што посочи Јанкуловска, со наредба на јавниот обвинител вчера биле извршени и претреси кај сите осомничени, при што биле пронајдени поголем број на археолошки предмети кои ќе бидат предадени на дополнително вештачење.
Меѓу другото, беа одземени четири керамички икони, три керамички ламби, една керамичка монета и една глава на женска фигура на постоље. Понатаму две сребрени и пет бронзени фибули, повеќе бронзени монети, повеќе керамички археолошки предмети, клучеви од сеф од Музеј-Охрид, евидентни картони од Музеј-Охрид, како и една дрвена маска и една дрвена стрела, но пронајдени беа и една бронзена монета и осум археолошки предмети. Пронајдени се и метален прстен со изгравиран човечки лик, метален привезок во тркалезна форма со изгравиран човечки лик од едната и лик од коњ од другата страна, 100 слики со монети од среден век, античко време, римско време и медалји од Ефес, осум белешки од музеј Неготино со податоци за монетите и осум цртежи од монети, соопшти МВР.
OhridNews