Во присуство на премиерот Никола Груевски, градоначалникот Никола Бакрачески и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, во комплексот на Спортско рекреативниот центар „ Билјанини извори“, утрово, со свеченост беше означен почетокот на изградбата на затворениот пливачки базен.

Како што истакна премиерот Груевски, затворениот базен ќе се гради со најсовремена технологија и ќе претставува место каде љубителите на спортот ќе може да спортуваат и да се рекреираат.

Комплексот ќе располага со два базени, еден за непливачи и деца со димензии 12,5 на 6,5 метри со длабочина од 0,8 до 1,2 метри, а другиот ќе биде со ватерполо димензии 25 на 33 метри и длабочина од 2 метри. Многумина ветуваа, но ние останавме на зборот и како што ветивме во нашата изборна програма ќе го изградиме затворениот базен во Охрид. рече Груевски.

Премиерот посочи дека подготовката на теренот за отпочнување на изградбата, решавање на имотно правните прашања и изработката на идејниот проект се одвивале една и пол година.

-На Охрид му треба вакво нешто, бидејќи е град каде луѓето живеат покрај езеро и имаат предуслови да бидат успешни натпреварувачи, така што затворениот базен ќе ја надополни празнината во зимските месеци. Ќе влијае и на туризмот и продолжување на сезоната, бидејќи ако доаѓаат гости на почеток или крај на сезона кога водата е ладна во езрото ќе може да го користат базенот, исто така ќе доаѓаат спортски екипи на подготовки, но пред се ќе се овозможи рекреација и натпревари на граѓаните на Охрид и регионот, така што се радувам што едно наше големо ветување се исполнува.-изјави Груевски.

Пред присутните се обрати и градоначалникот Никола Бакрачески кој истакна дека со почетокот на изградбата на затворениот базен се исполнува деценискиот сон на охриѓани. Охрид добива модерен спортски објект кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните, рече Бакрачески.

-Почнувајќи од Климентовецот и најголемиот хроничар на пливањето во Македонија професорот Александар Леко Радиќ, кој во 2013 година кога токму за неговата посветеност кон развојот на пливачките спортови ја доби Свети Климентовата награда едноставно и кратко на сите нас ни порача: „Ве молам изградете затворен пливачки базен во Охрид“, па преку легендите Атина и Дики Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин, кои што верувам дека денес на небесата се радуваат со нас, па се до сите оние спортски работници и охриѓани коишто својата младост или кариера ја поминаа на пливачките патеки кај големото или малото пристаниште или кај отворениот пливачки базен или на маратонските патеки на езерото, имаа еден децениски идеал, еден ден Охрид да добие затворен пливачки базен.– рече Бакрачески

Бакрачески упати благодарност до премиерот, директорот на Агенцијата за спорт и млади, пратениците од Охрид, спортските работници и сите кои ја поддржаа реализацијата на овој капитален проект за Охрид.

Денес Охрид не добива само еден обичен базен, туку еден од најсовремените спортски објекти во земјава и пошироко и во архитектонска смисла и во техничко технолошка смисла. Добиваме решение кое ќе ги отслика потребите не само на пливачите и рекреативците, туку и на сите љѕбители на убавите градби и технологијата.-истакна Бакрачески.

Затворениот пливачки базен во Охрид ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар, информираше директорот на Агенцијата за спорт и млади Марјан Спасески.

-Целта е една, а тое е да се создадат нови генерации на пливачи кои ќе продолжат да пливаат по патеките на славните имиња на овој спорт. Убеден сум дека со реализацијата на овој капитален спортски објект, ќе успееме да ги реинкарнираме спортовите по коишто Охрид беше познат не само во Репубика Македонија туку и пошироко, а тоа се пливањето и ватерполото.-рече Спасески, кој најави дека догодина на СРЦ „Билјанини извори“ ќе започне изградба на три тениски и повеќенаменски игралишта.

Изградбата на затворениот базен во Охрид ќе чини 5 милиони евра, а ќе биде готов за 30 месеци. Изведувач е градежна компанија од Скопје.

Г.М.