Голем број возила и патнички автобуси се заглавени во кичевско поради интензивните врнежи од снег и непроодните патишта. Патници кои попладнево тргнале од Скопје, раскажуваат дека повеќе од еден час возилата на магистралата кон Охрид стојат во место и дека е создадена голема колона. Тие велат дека патиштата не се расчистени, поради што сообраќајот е речиси во застој.
АМСМ попладнево информираше дека поради врнежите од снег забрана за движење на тешки товарни возила е воведена на патните правци Гостивар – Дебар – Струга, Гостивар – Стража – Кичево.
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива во зимски услови и по влажни коловози, особено во западниот и југозападниот дел од државата, каде се бележат врнежи од снег со среден интензитет. Поради ниските температури на повисоките и осојничави места можна е појава на голомразица. Голема внимателност се препорачува на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово каде има почеста појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите. Повнимателно управување со возилата е потребно и на магистралниот пат М-1 делница Катланово – Велес, каде се одвиваат работи за реконструкција на патот за што има поставено соодветна сообраќајна сигнализација
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.