Тешка механизација втор ден по ред интензивно ја затрупува дивата депонија во непосредна близина на Струга која повеќе од една деценија го загадува градот. Состојбата кулминираше последните два месеца кога густи облаци од чад од опожарената депонија ја гушеа Струга. Според информациите од терен, депонијата целосно е изгасната, а со земја затрупано е 70% од ѓубрето.
-Во меѓувреме отпадот ќе го оставаме на некое странично место на постоечката депонија и веднаш потоа ќе го транспортираме до најблиското место кое ќе го определиме како нова локација, бидејки не можеме сметот да го оставиме пред куќи на луѓето. – рече в.д. градоначалникот на Струга, Мустафа Забзун
Во меѓувреме, политичките партии од власта и опозцијата продолжуваат со меѓусебни обвинувања во врска со проблемот, што беше причина за реакција на Граѓанската иницијатива „Доста е”. Таа по неформалниот состанок одржан синоќа на кој присуствувале хотелиери, еколошки здруженија, Здружението на адвокати, Здружението на пензионери, невладини организации, спортски клубови и школи, претставници на ограноците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Струга и други правни субјекти од Струга со различна етничка и верска припадност, упати апел до политичарите да не ја злоупотребуваат маката на стружани.
„Сите присутни безрезервно изразија поддршка во сите акции на Граѓанската иницијатива „Доста е“, во борбата за решавање на проблемот со дивата депонија. Оттука, сакаме да порачаме, политичарите како на централно, така и на локално ниво, да престанат да ја злоупотребуваат несреќната состојба на стружани за меѓусебни препукувања и себепромоција. За справување со оваа елементарна непогода, потребно е енергијата на сите субјекти да се насочи исклучиво кон решавање на проблемите. Со оглед на обемот на депонијата, досега сме задоволни од работата на терен во однос на гаснењето на пожарот и затрупувањето. Но, сакаме да напоменеме дека работата на надлежните не завршува со изолацијата на пожарот и чадот. Оваа рак рана на градот и околината мора да се изолира и „лекува“. Имаме информации дека е воспоставена 24 часовна полициска патрола за превенција на депонијата. Паралелно од наша страна вршиме постојано набљудување. Депонирањето на отпад на оваа локација завршува ЗАСЕКОГАШ. “ – сооптши Граѓанската иницијатива “Доста е”.
Граѓанската иницијатива “Доста е” до надлежните упати три барања кои очекува да се реализираат:
1. До среда, одлука за наоѓање нова локација за депонија и одлагање на отпадот таму и воспоставување соодветен надзор и заштита од идно спалување.
2. Одлука во најкраток можен рок, конзервација и дислокација на постоечката дива депонија.
3. Одлука во најкраток можен рок, за воспоставување пракса за намалување на отпад и селекција.
За среда 21јуни во 18 часот закажан е нов протест на Граѓанската иницијатива “Доста е”.
Г.М.