Со верски обичаи, денеска, во црквата Св. Никола – Геракомија во населбата Варош, беше извршено примопредавање на кумството за празникот Богојавление – Водици во Охрид.
Кумови за 2015 година се познатиот балкански музички уметник Жељко Јоксимовиќ и бизнисменот Зоран Милески. Тие го презедоа кумството од старите кумови, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и бизнисменот Сашо Симески.
-Им го честитам кумството на Жељко и Зоран и им посакувам се најдобро во оваа година, Господ да го благослови ова нивно кумство, да им даде многу позитивна енергија, здравје и среќа во нивните семејства, а секако им посакувам овие позитивни етички вредности да ги споделуваат со семсјтвото, со нивните пријатели и со нашите православни народи.-изјави стариот кум на Водици, Бакрачески.
Кумот на Водици 2015, Жељко Јоксимовиќ, рече дека се чувствува многу почестен што ќе биде во Охрид на одбележувањето на големиот православен празник. Тој се заблагодари на старите кумови и на неговиот пријател Зоран Милески за кумството. Пред новинарите Јоксимовиќ ги откри мотивите да стане кум на Водици во Охрид, каде тој минатата година одржа концерт по повод големиот празник.
-Многу ми се допадна тоа што го видов тука минатата година, концертот и целата таа манифестација која овде се одбележува на многу убав начин и се надевам дека од оваа година ќе стане и меѓународна манифестација која ќе привлече и поголем број посетители во Охрид да видат како се слави Христовото име и како се негуваат традиционалните вредности.-истакна Жељко Јоксимовиќ.
Благодарност до охриѓани изрази и кумот Зоран Милески.
-На сите верници од православна вероисповед им го честитам празникот и им посакувам многу здравје, среќа нив и на нивните семјства. Почестен сум што ќе бидам кум на Водици во Охрид-рече Милески.
Од здружението „Богојавление“, велат дека е исполнета големата цел, Охрид за Водици да стане балкански центар на православието.
– Како здружение го остваривме нашиот сон. Ветивме дека во Охрид ќе донесеме балканска ѕвезда и дека се стремиме одбележувањето на Водици да стане и балканско, но и европско и светско. Се надеваме дека догодина ќе имаме и европски кум.– рече Љупчо Арнаудов, претседател на ЗГ „Богојавление“.
Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески го презедоа кумството за Водици
Одбележувањето на Водици, вечерва, продолжува со концерт на македонската поп дива Каролина Гочева на градскиот плоштад. Утре е Водопост – празник кога се пости и не се предвидени активности. Празнувањето на Водици на 19-ти јануари ќе започне со утринска богослужба во црквите, по што литиите заедно со верниците од Св. Ѓорѓија, Каменско и Св. Никола Геракомија ќе се уптатат кон градското пристаниште каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро и ќе се фрла крстот.
Во тек е пријавувањето на капачите кои ќе скокаат по светиот крст, кое се врши во ресторанот Св. Софија. Тие таму подигаат купон со кој во матичната црква добиваат богојавленска маичка. Се очекува годинава во водите на Охридското Езеро да запливаат стотици капачи, а меѓу пријавените има и странци.
Настанот ќе го следат бројни новинарски екипи од земјава и светот.
Г.М.



















