Жителите од станбените згради на булеварот „Туристичка“ каде што е предвидена изградба на нов објект – станбена зграда, денеска, повторно излегоа на мирен протест. Ги повторија своите барања да не се гради објектот со кој, како што велат, ќе се затворат нивните прозори и тераси.

  • Дадена им е градежна дозвола меѓутоа од друга страна имотно правните односи се’ уште не се разрешени. Ние фактички немаме приод до нашите станови. Треба да летаме, како да висат нашите станови. Директно ни ги затвораат прозорите, терасите. Земјиштето долу едно време беше блато, сега се претпоставува дека не е стабилно и со самото градење може да дојде до нарушување на стабилноста на нашата зграда. – рече жител од околна зграда.

Проблемот е актуелен речиси седум години, колку што е и предмет на судски процеси. Жителите до сега поднеле низа жалби до институциите, поради кои инвеститорот не беше во можност да ги реализира градежните зафати. Поради тоа, сега бара станарите да платат отштета.

  • Добивме писмо каде што ни бараат 200 000 евра во противвредност да платиме некаква оштета. Фактички ние тука сме оштетени. Ни се намалува вредноста на становите, се загрозува општото живеење, се уништува зеленилото. – велат жителите.

Сопствениците на имоти информираа дека процесот завршил пред надлежните судови во нивна корист, односно со правосилна одлука на Вишиот управен суд, со која се одбива тужбата на жителите од околните згради на Решението на надлежното министертво за транспорт и врски како неоснована. Со тоа, според нив, се отстрануваат пречките на нивната локација, согласно одобрениот план и добиеното правосилно одобрение за градба, да се изгради предвидената станбена зграда на пет ката и потпокрив, за која тие уплатиле комуналии во висина од 100.000,00 евра уште во 2014 година, но поради судските постапки биле спречени да градат. Затоа сега, како што велат, согласно законот имаат право на оштетно побарување.

  • Со цел да се спречи постапката за издавање на Одобрувањето за градење, негово поништување како и поништување на сопственоста на земјиштето во последниве 7 години од страна на оргаизаторите на овој протест како и претходните протести поднесени се над дваесет поднесоци – барања, жалби и тужби до сите надлежни и ненадлежни институции во Р.С. Македонија и сите тие институции нивните поднесоци – барања, жалби и тужби ги отфрлија или одбија како неосновани. –  се вели во писмената реакција на сопствениците на имотот на бул. „Туритѕичка“, каде во тек се подготвителни работи за изградба на станбен објект.

Тие тврдат дека поднесоците кои треба да ги поткрепат обвинувањата, не содржеле докази, односно документи во оригинал, кои согласно законот треба да имаат печат и потпис, а кои во случајот ги нема.

  • Ние сме убедени дека и нив им е кристално јасно дека не се во право, дека одлуката на Вишиот управен суд е конечна и правосилна, дека немаат повеќе никаква правна можност да ја попречат градбата ама повторно се обидуваат со притисоци, лаги и манипулации. – се вели во соопштението за јавност од сопствениците на имоти.

Во него уште се додава дека надоместокот за претрпена штета е регулиран со Законот за градење.

 

OhridNews