Со 12 гласа ЗА, на седница утрово, советничката од редовите на коалицијата предводена од СДСМ, Живка Ангелоска, е избрана за претседател на советот на општина Охрид. За неа гласаа советниците од коалицијата предводена од СДСМ, освен советникот Филип Јованоски кој се воздржа од гласање, и од коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА.

Живка Ангелоска по професија е правник. Таа и во минатото извршувала јавна функција како директор на ЈП „Градски пазар“.

Како дипломиран правник, целокупниот свој стручен капацитет ќе го насочам кон доследно почитување и применување на позитивните правни прописи кои ја регулираат работата на советот и нашите права и должности како советници. Како граѓанин, основен мотив во работењето ќе ми претставуваат барањата, интересите и доброто на нашите сограѓани. Искрено верувам дека во наредните четири години од оваа говорница ќе слушнеме многу конструктивни дискусии. Ќе имаме демократски расправи, а се помалку политички разединувања.  Да си го сочуваме личното достоинство на начин на кој нема да посегнеме по туѓата чест и туѓиот углед. Доаѓаме од различни политички партии, различно политичко убедување, на локалните избори настапивме со различни програми, но она што е заедничко за сите нас е дека ја баравме довербата на граѓаните. При тоа им ветивме дека ќе бидеме одговорни советници и ќе работиме во интерес на општината. Граѓаните ни ја дадоа довербата, сега останува на нас, да ја оправдаме таа доверба, рече новата претседателка на охридскиот совет во своето прво обраќање до советниците и јавноста.

На седницата која заврши експресно, усвоени беа решенијата за избот на членови на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување на награди и признанија, на Статутарно-правна Комисија, на комисиите за за јавни и комунални дејности, за урбанизам, за туризам и локален економски развој, за заштита на животната средина, за млади и спорт, за месна самоуправа и за еднакви можности меѓу мажите и жените, а усвоена беше и Предлог Одлуката за измена на распоредот на средствата на буџетот на општина Охрид за 2017 година. 

OhridNews