Министерството за труд и социјална политика го пролонгира рокот  за обновување на документацијата на корисниците на социјална парична помош, до 13 декември. Одлуката за пролонгирање на рокот, министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски ја донесена поради големите гужви што се создадоа пред истекот на рокот во центрите за социјална помош и неможноста да бидат примени сите апликации.

,,И овојпат нашиот менталитет да се прави се во последен момент создаде големи гужви пред центрите за социјална работа. Ние не сакаме никого да ставиме во непријатна ситуација со тоа што ќе ги затвориме. Затоа дадов интерна наредба рокот да се пролонгира до 13 декември. Издадов  и инструкција да се работи и оваа и наредната сабота. Со тоа обезбедуваме дополнителни девет работни дена за сите кои не стигнале да аплицираат да го направат тоа, изјави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

Министерството за труд и социјална политика побара обнова на целосната документација за корисниците на социјална помош, поради сомневања дека има лица кои ја добиваат, а не ги исполнуваат условите за тоа и средствата коишто неосновано ги добиваат овие лица би можеле да бидат искористени за зголемување на висината на помошта на лицата на кои навистина им е потребна.

Согласно Законот за социјална заштита за обновување на документацијата за остварување право на социјална помош потребни се лист за пријавување, потврда од Агенцијата за катастар дека лицето нема имот на свое име, потврда од Фондот за ПИОМ дека лицето не прима пензија по кој било основ, извод од матична книга на родени, фотокопија од лична карта, документ дека не поседува моторно возило, уверение за остварени приходи од УЈП, потврда од Агенција за вработување дека е невработен и потврда за редовен ученик или студент.

Документацијата потребна за остварување на правото на социјална помош  корисниците можат бесплатно да ја добијат од надлежните органи.

OhridNews