Сојузот за развој на образование на возрасни (СРОВ) и Здружение Институт за развој на заедницата (ИРЗ) – Тетово во соработка со германската организција ДВВ Интернационал Во периодот од 7-9 Октомври 2013, во Охрид организираа работилница наменета за претставници на организации и институции кои што делуваат како понудувачи и организатори на неформално образование.

Целта на работилницата на која што учествуваа повеќе од 30 претставници на организации, институции и компании кои работаат на полето на образованието за возрасни и доживотното учење беше нивно подобро запознавање со законската рамка, како и со процедурите за верификација на програми и институции кои што може да нудат ваков вид на образование.

“Работилницата е наменета за изградба на капацитети, започнување на процес на размена на практики и искуства помеѓу различните организации и институции околу оваа проблематика, доближување на законската рамка за неформално образование на возрасни, земајќи во предвид дека неодамна беа донесени подзаконските акти со кои започна процесот на верификација на посебни програми и институции за образование на возрасните.“ – изјави Јелена Пероска од Здружението Институт за развој на заедницата од Тетово една од организациите основачи на СРОВ.

Низ презентациите на претставници на Јавна установа Центар за образование на возрасни и Министерството за образование и наука, државните институции задолжени за процесот на верификација на програми и институции кои нудат образование за возрасни, учесниците на обуката имаа можност дирекно и од прва рака да се запознаат со процедурите за верификација на програми и институции.

Покрај запознавање со процедурите за верификација учесниците на оваа тренинг работилница имаа можност и меѓусебно да се вмрежат, да ги споделат искуствата поврзни со образованието за возрасни и обуките кои што тие ги нудат, да разговараат за предизвиците со кои што се соочиле во процесот на верификација на програми, а од претставникот на Националната агенција за Европски образовни програми имаа можност да слушнат за тоа кои се можностите што ги нуди ЕУ, а кои што се поврзани со образованието на возрасни. 

“Ваквите настани се одлична можност за да можеме непосредно да се запознаеме со процедурата но и да поставуваме прашања за работите кои што не се доволно јасни. Присуството на многу организации и институции кои имаат искуство во работата со образование на возрасни е исто така многу корисно затоа што може да се слушнат одлични примери и совети. Образованието за возрасни и доживотното учење се нови концепти во Република Македонија и затоа ваквите активности се навистина потребни.“ – истакна еден од учесниците на работилницата.

СРОВ, Здружението Институт за развој на заедницата – Тетово и ДВВ Интернационал, во последните 3 години активно работаат и се залагаат за развој и унапредување на неформалното образование за возрасни, намалување на невработеноста во Република Македонија, како и поддршка на структури, организации и институции за одржливо доживотно учење.

OhridNews