Образованието е столб на државата и без следење на сите предизвици кои ги носи новото време не може да постои едно општество, истакна деканот на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ратко Дуев на Меѓународна научна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“ која од денес до 18 мај се одржува во Охрид.

Се надевам дека на овој начин кога науката зборува за проблемите во една област, а ќе стане пракса, само така ќе дојдеме до едно поквалитетно образование и поквалитетен развој на нашите најмлади. Постојано ги прифаќаме искуствата на поразвиените држави во образованието, проблемот е што регионално се соочуваме со еден поголем проблем за кој малку се зборува, а тоа е масовната миграција на младите. Последните 10 години имаме 40% помалку матуранти, така што покрај пандемијата, ова е еден голем предизвик за образованието, зошто доколку не го решиме тој предизвик ние не можеме да зборуваме за перспективи. Затоа и темата на конференцијата се поврзува со овој проблем кој не го има само Македонија, туку и целиот регион. Европа годишно губи 900 илјади луѓе, што говори дека во наредните 10 години на Европа ќе и требаат минимум 9 милиони работници. Тука треба сите ние да се запрашаме кои се нашите перспективи. Треба да ги задржиме младите, да понудиме поквалитетно образование и да ја запреме или намалиме миграцијата на младите кадри во поразвиените земји, рече Дуев.

Додаде дека образованието е процес кој се менува, нашето образование е квалитетно, но мора постојано да се менува и реформира, бидејќи современиот свет многу брзо се развива и многу е тешко високото образование да го прати тој брз развој.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири истакна дека Институтот за педагогија во своето 75 годишно постоење и делување има дадено значаен придонес во образованието, а со својата наставна и научно-истражувачка работа го збогатува општествениот и јавниот живот на нашата земја.

Владата и Министерството за образование и наука, зацртаа дека стратешка цел е обезбедување квалитетно образование достапно за секое дете, воспитно образовен систем, кој ќе создава кадар, способен за логично и критично размислување, базирано на анализи и факти. Училиштето да ги подготвува децата да го користат знаењето за решавање на проблемите со кои ќе се соочуваат во иднина, да бидат креативни и активни. Преку воспитно-образовниот процес да се формираат личности кои ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, кои ќе можат да одговорат на потребите на пазарот на трудот согласно забрзаниот технолошки развој, рече Шаќири.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски истакна дека педагошката дејност претставува основна движечка сила во едно општество и во образовните процеси во секоја земја, а педагозите секогаш се справуваат со низа предизвици и сите промени и реформи што настануваат во оваа дејност треба да одат преку нив.

За едно општество да биде развиено и унапредено со сите свои дејности треба педагозите да имаат клучна улога за натамошниот квалитет на образованието. УКИМ секогаш прави максимални заложби да го подигне квалитетот на образованието и образовниот систем во нашата земја. Секогаш се трудиме да ги зголемиме нашите капацитети да се покачат стандардите за образованието и на тој начин да се постигне максимално еден образовен систем во кој сите наставници, воспитувачи педагози максимално да бидат добро едуцирани од студентските денови, понатаму да бидат надградувани во својата професија. Ова ќе биде процес кој треба заедно покрај универзитетот и државата да вложи напори од аспект на кадровска политика и логистика и поддршка за педагошката дејност, додаде Јанкуловски.

Одржувањето на овој академски собир токму во Охрид има голема симболика, затоа што ова е центар на словенската писменост и култура. Ова е духовно светилиште на Свети Климент и Свети Наум, дом на ловороносецот Григор Прличев и место кое низ својата долговековна историја израснал повеќе личности кои играле важна улога во афирмацијата на просветителството и оставиле белег на своето време, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Педагогијата е најблагородната наука, бидејќи таа е темелот и расадникот на сите други науки и на сите други професии. Во животот на секој голем доктор, правник, инженер, научник, уметник или политички лидер, постои барем еден учител, кој оставил значајна трага, кој бил мотив и патоказ кон остварување на соништата. Сите ние треба да им оддаваме посебна почит на нашите учители, затоа што тие ја имаат најголемата заслуга за она што сме денес, тие не научија да чекориме кон успехот и да бидеме најдобрата верзија од себе. Се надевам дека на оваа конференција ќе бидат разменети значајни искуства од воспитно образовната политика и дека истата ќе придонесе за развој на нови и современи педагошки мерки, рече Пецаков.

Раководителот на Институтот за педагогија, Елизабета Томевска-Илиевска истакна дека на конференцијата има над 200 учесници, пред сè универзитетски професори од земјата и светот, претставници на државни образовни институции, педагози, наставници …

Како најстара и прва високо образовна институција во Македонија по ослободувањето, продуцира со децении педагози, воспитувачи и наставници. Образованието е многу широка проблематика и од таа причина имаме мултидисциплинарен тим, односно професори и теми кои доаѓаат од педагогијата, психологијата, специјалната едукација, археологија, здравствено и физичко образование, уметности … и притоа мораме да кажеме дека ние сеопфатно го третираме комплетниот образовен систем во државата, што значи ќе имаме теми на кои ќе зборуваме ќе се споредуваме да видиме какви се истражувањата и од поразвиените образовни системи кон кои ние се стремиме, но никако да калемиме нешто туѓа на наша почва, туку тоа треба да биде во согласност со нашата традиција, менталитет, итн., додаде Томевска-Илиевска.

На научната конференција ќе се направи своевиден пресек на образовните актуелни случувања во Македонија, а ќе се актуелизираат и нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието и сето тоа да резултираа и со препораки, кои ќе бидат од голема важност преку нивното интегрирање во образованите политики во земјата за исполнување на визијата за поквалитетен воспитно-образовен систем.

На конференцијата учествуваат 202 автори со 123 апстракти од вкупно 21 земја, а истата е под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Н.С.Ј.