Речиси две години од убиството на охриѓанецот  Димитар Матилоски (27), што се случи на дочекот на новогодишната ноќ во 2016 година, судскиот процес тапка во место и никако да заврши. Ниту денешното рочиште не започна, бидејќи обвинетиот Бојан Угреновиќ (30), од Краљево – Република Србија, повторно не се појави на закажаното рочиште во Основниот суд во Охрид, кој не добил информација дали надлежните институции го обезбедиле неговото присуство. Угреновиќ откако беше ослободен од притвор не се појавува на рочиштата.

Од процесот со писмено барање се откажал досегашниот бранител на обвинетиот Донче Наков, а судот по службена должност за нов бранител го назначи адвокатот Емил Балабан. Се очекува да биде поднесено барање на неговиот клиент да му се суди во отсуство.

Денешното е шесто одложување на повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски откако апелацискиот суд во Битола ја укина првичната одлука на Основниот суд Охрид кој обвинетиот Бојан Угреновиќ во декември минатата година го осуди на казна затвор од 16 години и го врати предметот на повторно судење. На почетокот на повторениот судски процес обвинетиот кој првично го призна делото го промени исказот и се изјасни за невин, по што следеше негово ослободување од притвор бидејќи истече законскиот рок во кој требаше да заврши судскиот процес. 

Семејството на убиениот и нивниот правен застапник уште пред да биде ослободен од притвор обвинетиот предупредија на недоследности и пропусти во законот изразувајќи отворено сомневање дека тоа може да биде искористено да се избегне правдата. 

OhridNews