Двајцата обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се наоѓаат во Косово, ќе бидат екстрадирани во Македонија откако ќе заврши судскиот процес што се води против нив во Косово за нелегално поседување на оружје.Ова го изјавил косовскиот заменик министер за надворешни работи, Петрит Селими на конференција во Вашингтон, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.

– Нема никаква сомнеж дека убијци, луѓе обвинети за ѕверски убиства, ќе бидат предадени и ќе платат за нивните злосторства. Се работи за техничко прашање, кое не би сакале да се политизира или да се каже дека Косово не сака да ги предаде овие луѓе. Косово само сака да го заврши започнатиот процес, за поседување оружје, а потоа веднаш ќе ги испорача таму каде што треба да одговараат за други злосторства кои ги извршиле. Не се работи за политичко, за етничко прашање или за одбивање да се соработува, туку е техничко прашање на веќе почнат процес во Косово, иако ова второто злосторство е далеку посериозно од илегално поседување оружје”, изјави Селими.
 
Демири и Исмаиловиќ беа уапсени во март на Косово, но се уште не се екстрадирани во Македонија, бидејќи се шпекулираше дека поседуваат и косовско државјанство, а во меѓувреме против нив започна судски процес за нелегално поседување на оружје и за ова дело беа осудени на две години и на две и пол години затвор.
 
Претходно доаѓаа контрадикторни изјави од косовските власти, најпрвин дека имаат косовско државјанство и дека не можат да бидат екстрадирани во Македонија, а потоа се испостави дека двајцата обвинети немаат косовско државјанство.
 
„Во Македонија петмина недолжни рибари беа убиени, по што беа обвинети пет Албанци од Македонија со исламска афилијација. Двајца од нив беа уапсени на Косово, но бидејќи беа уапсени со илегално оружје, пред барањето од Македонија се покрена процес пред судот во Косово. Не можеме да го откажеме овој судски процес затоа што тоа ќе значи мешање во судскиот систем”, изјавил Селими.
 
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се обвинети дека се извршители на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април минатата година.