
„Во законски предвидениот рок, надлежниот јавен обвинител ја разгледа Одлуката за условен отпуст донесена од страна на Основниот суд Скопје 1. Сметајќи дека со одлуката погрешно е утврдена фактичката состојба во случајот и дека осуденото лице не ги исполнува услови за условен отпуст, надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на одлуката“ се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Пред осум дена кривичниот совет на Одделението за организиран криминал го прифати предлогот за условен отпуст на новинарот Кежаровски.
„Оваа одлука Судот ја донесе согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена“ соопштија тогаш од Судот.
Против ова решение дозволена беше жалба во рок од осум ден до Апелациониот суд Скопје. Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот Ореше.
Апелациониот суд му ја намали казната затвор на две години. Со оглед на тоа што на новинарот му се сметаше времето поминато во притвор, му остануваа уште помалку од четири месеци затвор од казната. Веднаш по одлуката беше спроведен на издржување на казната во затворот во Шутка, но беше ослободен поради влошената здравствена состојба.
Кежаровски беше ослободен токму на денот кога се одржа протест против казната затвор на новинарот. Колегите бараа ослободителна пресуда.
OhridNews
Извор: Макфакс











