Претседателот на фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски и сега веќе поранешниот селектор на нашиот национален тим Џон Тошак на прес конференција ја објаснија одлуката за спогодбен раскин на договорот на Велшанецот како селектор на “А” селекцијата.

Џон Тошак ни посака среќа во квалификациите за пласман на Светското првенство во Бразил. Потенцираше дека не е подготвен да ги прифати барањата на раководството на ФФМ за нови клаузули во договорот, кои се однесуваат на неговиот претстој во Македонија и барањата да има директен увид во случувањата во нашиот фудбал и во едукацијата на тренерите.

-Бев подготвен да го исполнам обврските кои ги имав со договорот потпишан со претходното раководство пред 12-ет месеци. Сега имате нов претседател. Ги разбирам неговите барања, но не сум подготвен да ги прифатам. На новиот претседател му посакувам успех и среќа, секако и на сите македонски играчи и на тимот. Мислам дека имате шанса да се пласирате на СП. Групата е тешка, но имам доверба во македонскиот состав. Кога пристигнав во Македонија не знаев никој друг, освен Пандев. Со Луксембург имавме разочарувачки разултат, но искуството беше позитивно. Новиот селектор може да донесе нешто поинакво, посебно кога во прашање се младите играчи, имаат добра иднина, рече Џон Тошак.

ohridnews