Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2023/2024 година. Конкурсот е достапен на веб-страницата на МОН и ги содржи квотите за запишување ученици според наставните планови и програми за гимназиско образование, стручно образование (техничко образование – четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Во ОСУ „Св. Климент Охридски“ во прва година ќе се запишат 272 ученици во 8 паралелки со настава на македонски јазик според наставни планови и програми за гимназиско образование – 272 ученици во 8 паралелки.

Во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во прва година ќе се запишат 152 ученици во 5 паралелки со настава на македонски јазик според наставни планови и програми за економско – правна и трговска струка – 118 ученици, 4 паралелки, како и во здравствена струка – 34 ученици, 1 паралелка.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ ќе се запишат во прва година 277 ученици во 10 паралелки од кои во машинска струка има слободни места за 84 ученици во 3 паралелки, во електротехничка струка ќе се запишат 143 ученици во 5 паралелки, лични услуги – 25 ученици во 1 паралелка, додека во сообраќајна струка – 25 ученици, во 1 паралелкa.

Во Државното средно училиште- Регионален центар за стручно образование „Ванчо Питошески“ има слободни места за 218 ученици во 8 паралелки со настава на македонски јазик од кои во угостителско – туристичка струка за 150 ученици во 6 паралелки и хемиско-технолошка струка – 68 ученици, 2 паралелки.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во јуни. Пријавувањето е преку електронско аплицирање, на линк до порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk) со специјална најава за средношколци преку нивните сопствени кориснички сметки на Schools.mk.

Како што е наведено во објавениот Конкурс, првото пријавување на учениците ќе биде на 20 јуни до 24.00 часот и на 21 јуни до 15 часот. Ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 22 јуни на https://euslugi.mon.gov.mk и на интернет-страницата на МОН (www.mon.gov.mk).

Потоа ќе се доставува потребената документација до училиштата – на 22 јуни од 12 до 19 часот и на 23 јуни од 7 до 19 часот, согласно изготвен распоред од училиштето. Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места, како што е наведено во Конкурсот, ќе бидат обајвени на 24 јуни најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Второто пријавување на учениците ќе биде на 27 и 28 јуни, а ранг-листата на запишани ученици од ова пријавување ќе биде објавена на 29 јуни.

Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по следните наставни предмети: мајчин јазик и математика за гимназиско образование; биологија и хемија за здравствена струка и мајчин јазик и математика за другите струки.

Во објавениот Конкурс се наведени потребните документи за запишување во средно образование и термините за квалификациско тестирање во двата рока на пријавување за упис.

OhridNews