АД МЕПСО објави нов меѓународен тендер за изградба на 400 kV интерконекција меѓу С. Македонија и Р. Албанија, проект од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на нашата држава.

Новиот тендер е објавен откако претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него. Со тендерот се предвидува изградба на 100-тина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финасирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови.

 

Жалам што повеќе од три децении, и покрај политичкиот плурализам и демократските промени, немаше институционална храброст и визија да се воспостави електроенергетска врска со Албанија. Денес го исправаме овој историски пропуст. Нашата работа е водена од визија за одржлив развој, институционална стабилност и јакнење на довербата кај јавноста во капацитетот на државата да спроведува проекти од највисок национален интерес. Убеден сум дека сите заедно, со заедничка визија и посветеност, ќе изградиме современ, ефикасен и стабилен електроенергетски систем кој ќе им служи на генерациите што доаѓаат, рече на прес конференцијата во Владата, генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи.

Демонстрирајќи решителност и интегритет, овој менаџмент на АД МЕПСО рече тој, го раскина договорот со претходниот изведувач, Енергоинвест од БиХ, поради низа констатирани отстапки.

Затекнавме сериозно запоставен проект: од 269 предвидени фундаменти за далекуводни столбови беа завршени само 24, што јасно покажува дали имало сериозност за завршување на проектот. Спротивно на договорот кој е според FIDIC, изведувачот преку неоправдани барања за дополнителни средства и со еднострано напуштање на теренот, го загрози проектот и јавниот интерес. Во однос на финансиските средства, веќе се исплатени 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач, од кои околу 2,5 милиони евра се вратени во однос нa банкарски гаранции. Дали тоа значи дека раскинувањето на договорот има финансиски реперкусии, не би рекол. Средствата се дадени за набавка на опрема која е наша сопственост, додаде Љатифи.

Рокот за доставување на понуди е 45 дена, а изборот на најповолен понудувач се очекува во третиот квартал од оваа година, за реализацијата да започне на почетокот на 2026 година, а да заврши до крајот на 2027 година.

Изградба на 400 kV далекувод претставува многу повеќе од изградба на енергетска инфраструктура, тој е фундаментален чекор кон комплетирање на регионалниот енергетски коридор Исток–Запад, кој ги поврзува Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија преку подморски кабел. Изградбата на овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како суштински дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилно учество на регионалните пазари, пристап до системски и балансни услуги, и обезбедување на посигурно, поекономично снабдување за сите граѓани. На овој начин, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата стратешка амбиција: да стане енергетски јазол на Балканот, велат од АД МЕПСО.

OhridNews