Општина Охрид ќе врши обезбедување на правото на остварување на социјална заштита на граѓаните, од средствата на Буџетот на Општина Охрид, во облик на спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги за граѓаните кои се изложени на социјални ризици, се наведува во Јавниот повик кој денес е објавен на страната на Општина Охрид.

Субвенционирањето на трошоците за комунални услуги се однесува за периодот од 01.01.2023 година, заклучно со 31.12.2023 година. Согласно програмата за социјална заштита во буџетот на Општина Охрид за оваа намена се предвидени 1.500.000,00 денари, се наведува во повикот.

Вкупниот износ на субвенција ќе изнесува 703,00 денари месечно, за секој корисник на субвенцијата и ќе се однесува на покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 320 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата, покривање на трошоците за спроведување на отпад до 150 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата, покривање на трошоците за одведување на отпадни и атмосферски води до 150 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата и покривање на трошоците за плаќање на гробна такса-гробарина до 83 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата.

Субвенционирање од средствата на буџетот на Општина Охрид ќе можат да користат лицата кои имаат статус на корисник на социјална помош, корисник на постојана парична помош, невработено лице подолго од 12 месеци, а доколку корисникот е во брак, тогаш и неговиот брачен другар да е невработен, како и лица кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејство е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест и истото исклучиво е утврдено од надлежен орган или комисија – мерката не се однесува на инвалидните лица кои се во работен однос.

Детали за јавникот повик на линкот.

OhridNews