Градоначалникот Кирил Пецаков претпладнево го одржа првиот координативен состанок со Организцискиот одбор за подготовка на најмасовната културно- верска манифестација кај нас Богојавление- Водици. Очекувањата се дека и годинава празникот ќе биде одбележан на највисоко ниво со бројни посетители од земјава и странство.

На 19-ти јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 7 часот наутро. Годинава Свети Литургии со почеток во 8:15ч. ќе се одржат во четири парохиски цркви; Успение на Пресвета Богородица – Каменско, Св. Никола- Геракомија, Св. Никола- Долна Влашка Мала и Св. Георгија- Горна Влашка Мала. Литијата кон градското пристаниште ќе се упати во 9:45 часот. Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето ќе го изврши Митрополитот тетовско –гостиварски Јосиф.

Истиот ден во 12 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштевање во Охридското Езеро. И годинава во организација на Црвен Крст ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари со уникатната манифесатција Денот на рибарите во чест на празникот Свети Јован Крстител.
OhridNews











