Големиот број дупки, непрописно поставените шахти и несоодветните бекатон плочки по градските улици, се една од болните теми за охридските возачи. Повеќето политички партии во предизборниот период ветија подобрување на патната инфраструктура која го поврзува градот со останатите населени места, но сите како да подзаборавија на крајно лошата состојба на улиците внатре во градот.

Дека улиците се наоѓаат во очајна состојба, говорат стотиците ударни дупки почнувајќи од пресекот на улиците „Питу Гули“ и  „7-ми Ноември“ во близина на автобуската станица, па се до „Сирма Војвода“, „Јане Сандански“, „АСНОМ“, „Ванчо Питошески“ , „Карпош Војвода“ и продолжувајќи на булеварот „Туристичка“.

Пред изборите сите ветуваа дека ќе се вложи во патната инфраструктура, која го поврзува градот со останатите населени места. Но најпрво надлежните треба да увидат што се случува со охридските улици. Тие се преполни со дупки, а состојбата е далеку од очајна.“ – вели охриѓанецот Митко С.

Од дупките по охридските улици, најчесто страдаат автомобилите на охриѓани, кои се жалат дека надлежните како да немаат слух за нивните проблеми.

Ако патиштатата се крвотокот на градот и земјата, тогаш Охрид го има снајдено срцев удар. Пред неколку месеци купив прилично нов автомобил, а ете после само неколку месеци возење се јавуваат проблеми со амортизерите и предницата. Поправката ме чинеше околу 700 евра, односно 30 отсто од колку што платив за колата во странство.“ – вели револтиран возач од охридско.

Автомеханичарите од градот, потврдуваат дека побарувачката на амортизери и делови поврзани со предницата од автомобилите е прилично голема, а се почести муштерии се сопствениците на нови возила.

Најчесто од дупките страдаат амортизерите, јабучиците, вилушката, а не ретко и целата предница. Жалосно е што проблемот го имаат и оние сопственици на нови автомобили. Цените за поправка се прилично високи за наши стандарди, а достигнуваат и по неколку стотици евра. Возачите се жалат, а побарувачката е се поголема од година во година.“ – велат од Авто-сервисот Паце.

Граѓаните на неколку наврати апелирале до надлежните институции, кои излегувале со образложение дека дупките ќе бидат скоро „закрпени“. Исто така, охриѓани се жалат на несоодветните бекатон-плочки, кои го заменуваат асфалтот на неколку градски улици. Тука се и непрописно поставените шахти, од кои најчесто страдаат автомобилите.

За тука апелиравме на неколку пати, дојдоа, ветија и никому ништо. Овие бекатон плочки што ги ставаат наместо асфалт е фушерај и тотална утка. На некои места тие се пропаднати па претставуваат уште поголем проблем за нас возачите. Сакам јавно да апелирам за шахтата кај средното угостителско училиште. Таа е полоша од дупка. Ако ја погодиш, ти нема спас.“ – вели наш сограѓанин.

Ако се земат предвид сите овие апели од граѓаните и почетокот на туристистичката сезона, новата локална самоуправа уште од почетокот од мандатот ја чекаат полни раце работа.

O.T.