-Момче од чаршијата трчаше во правец кон поштата и викаше хистерично : Полиција! Полиција! Се бркааа и забележав дека еден беше паднат кај поштата и другите луѓе што беа позади него почнаа да го клоцаат. Паднатиот бранејќи се со рацете на главата им викаше: „ Добро људи шта сам вам урадио!“ – Добро луѓе што ви направив!, на што тепачите му возвратија: „Видечеш ти шта си урадио!“ -Ќе видиш што направи! и продолжија силно да го удираат со нозе по главата и телото, по што се оддалечија од местото, раскажува Горан Димитриески, чувар на тезгите во непосредна близина на охридската пошта. Тој прв му пристапил на момчето да му помогне, а по неколку минути пристигнала полицијата и возило на брзата помош.
– Лекарката кажа дека пулсот на момчето е многу слаб по што го ставија во возилото на брзата помош. Подоцна ми кажаа дека тоа починало, вознемирено кажува очевидецот, кој вели дека не го познавал момчето, а не ги знае ниту тие што го тепале.
МВР ги потврди информациите за инцидентот, но не соопшти детали за инволвираните во тепачката. Неофицијално се дознава дека меѓу тепаните гости од Србија има и блиски роднини на лица со висок чин во српската војска.