Претседателските избори во САД се одржуваат на 3 ноември. За функцијата шеф на државата се борат актуeлниот претседател, републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.

Традиционално, изборите во САД се одржуваат во првиот вторник од првата недела на ноември, во многу држави неработен ден. Годинава, силите ќе ги одмеруваат 74 годишниот Доналд Џон Трамп, со неговиот потпретседател Мајк Пенс, и три години постариот демократски кандидат Џозеф Робинет Бајден-помладиот, со првата во историјата Афроамериканска потпретседателка, Камала Харис.

Електорни колегиуми (Изборен колеџ)

Претседателот на САД не се избира со непосредно гласање туку од колеџи (колегиуми) на електори. Кога гласаат, жителите на сите сојузни држави всушност го составуваат распоредот на овие колеџи. Бројот на електори од секоја држава е еднаков на бројот на членовите што државата ги испраќа во Конгресот. Вкупниот број на електори е нешто помалку од 540. Конгресот е составен од 535 претставници со право на глас, од кои 100 се сенатори и 435 се членови на Претставничкот дом (каде се именуват уште шест членови плус без право на глас, или помалку, ако местото е испразнето).

Најмногу претставници во Конгресот има Калифорнија – 55, Тексас е со 38, Њујорк и Флорида имаат по 29 секоја. Најмалку претставници во Конгресот, по три, испраќаат најненаселените седум сојузни држави и округот Колумбија.

Моментално, колеџот е составен од 538 електори и за победа на изборите, еден од претседателските кандидати треба да собере апсолутно мнозинство гласови од електорите, или 270.

Во секоја држава, списокот на електори е составен од партијата на секој од претседателските кандидати. Треба да се знае дека нивните имиња не се истакнуваат на гласачкото ливче – во него се наведени само имињата на канидидатите за претседател и потпретседател претставени од нив.

Во 48 од 50 држави важи правилото според кое кандидатот за кого во државата гласале мнозинство од гласачите, автоматски ги добива гласовите на сите електори во таа држава. Само во државите Мејн и Небраска, гласовите на електорите можат да се делат пропорционално меѓу кандидатите во зависност од добиените гласови. Во минатото имаше случаи кога некои електори не го даваа гласот за кандидатите кои биле изгласани во нивната држава, кои се нарекуваат „несовесни“ или „неточни“ електори. Сепак, тие досега ниту еднаш не влијаеле на исходот од претседателските избори.

Ремонт на демократијата во САД?

Американската демократија има уште една фалинка: оние кандидатите што ќе добијат мнозинство од гласовите не значи и дека ќе бидат избрани за претседател. Тоа се случило петпати досега во историјата на САД, главно поради непропорционално доделениот број на електори во однос на бројот на избирачите.

Последен таков случај беа токму претходните претседателски избори, кога Хилари Клинтон доби мнозинство од гласовите на избирачите, но изгуби поради помалку добиени електорни гласа (Трамп тогаш победи со 304 гласа). Ова е случај кога најнаселените држави како Калифорнија или Њујорк гласаат со огромно мнозинство за еден од кандидатите, но поголем број на помали држави, гласаат за неговиот опонент. Во 2016 година Трамп, на пример, доби со тесно мнозинство во многу ретко населени држави од централен Запад и од Југот, со тоа собирајќи го критичниот број електорални гласови што му донесе победа, иако за за Клинтон гласаа 65.8 милиони избирачи, или речиси три милиони повеќе отколку за Трамп, кој доби 63 милиони гласови.

Поради овој парадокс, за многу американски новинари, набљудувачи и експерти по изборно право, ваквите избори се нефер и далеку од демократски, со застарен модел уште од епохата на формирањето на САД во 18 век. Се бараат реформи на изборниот модел со гласање на непосредни избори.

Во однос на претстојноте гласање на 3 ноември, одзивот се очекува да биде огромен, со оглед на тоа што правото на рано или гласање преку пошта досега го искористиле над 85 милиони Американци. Резултатите од речиси сите досегашни анкети укажуваат на победа на Бајден.

Според „RealClear Poliitcs“, еден од најцитираните агрегатори на анкети и вести, резултатите од анкетите во изминативе неколку денови укажуваат на победа на Џо Бајден на претседателските избори на 3 ноември.

Државите во кои Бајден убедливо води се Калифорнија, Њујорк, Масачусетс, Мериленд, Делавер, округот Колумбија, Вермонт и Хаваи. Осигураната победа во овие држави ќе му донесе 118 гласови од електорите. Уште шест држави како Конектикат, Њу Џерси и Илионис најверојатни би гласале за Бајден, и уште шест како Вирџинија, Мејн или Колорадо се настроени про-Бајден. Според агрегаторот, со таков распоред на резултати, Бајден со голема веројатност би добил 216 електорни гласови.

Од друга страна, републиканските упоришта од Апалачите, јужниот дел и централнит Запад, како Тенеси, Кентаки, Западна Вирџинија, Алабама Оклахома, Небраска, Ајдахо или Северна и Јужна Дакота, од сите нив Трамп би добил сигурни 57 електорни гласови. Уште десеттина како Алјаска, Луизијана, Мисури или Индијана би гласале најверојатно за него што му носи уште 65 гласови.

Во последните денови од изборната кампања, битката за придобивање на гласовите на избирачите се води во 14 таканаречени „колебливи“ држави, пред сѐ од југот и од северот (Тексас, Флорида, Џорџија, Минесота, Масачусетс или Пенсилванја). Победата во барем три од наведените држави ќе биде клучна за добивање на изборите.

Токму затоа и двајцата кандидати енергијата и парите при крајот на неделава ги насочија во Флорида и Тексас, а последниот викенд од изборната кампања митингуваат во северните држави како Ајова, Мичиген, Висконсин и Минесота.

Надворешната политика по изборите

На изборите во 2016 година Трамп победи со максимата „да ја направиме Америка повторно голема“, алудирајќи на свртување кон внатрешниот економски развој и намалување на имиграцијата. Оваа политика донесе повлекување од воените ангажмани во многу жешки точки како Авганистан или Сирија, и заладување на односите со сојузниците од НАТО и ЕУ поради низа причини како трошоците за одбрана или напуштање на Парискиот договор за запирање на климатските промени.

Според некои политички аналитичари победата на Трамп ќе му донесе помирен втор мандат со продолжување на курсот на „нормализација“ на САД.

Доколку пак на власт дојде Бајден, се очекува тој да направи целосен пресврт, со засилување на надворешнополитичката позиција на Вашингтон насекаде низ светот, повторна изградба и зацврстување на односите со сојузниците и партнерите, а со многу поостра реторика, политики на санкции и казнени мерки против злонамерните сили како Русија, Иран и Кина.

OhridNews