Продавачите електрична и електронска опрема на македонскиот пазар ќе бидат обрзани да одвојуваат одреден надоместок за собирање и транспортирање на отпадна опрема, како и за подигање на јавната свест за начинот на кој треба да се складира овој вид на отпад. Ова се предвидува со Законот за управување со електричен и електронски отпад, чии одредби кои се однесуваат на компаниите, стапуваат на сила на 01 јануари 2015 година.
Тоа значи дека продавачите на електрична и електронска опрема, меѓудругото, се должни на своите продажни места да имаат примени пунктови на кои граѓаните ќе можат да ги остават старите апарати. Покрај ова и општините ќе бидат задолжени да имаат вакви пунктови за собирање на електричен и електронски отпад. Овој вид на отпад не спаѓа во групата на комерцијален отпад и неможе да се одложува во контејнери.
Ана Каранфилова Мазневска од Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека компаниите ќе бидат обрзани да се организираат самостојни или преку колективни постапувачи.
„Компаниите се задолжени да се организираат самостојно или преку колективни постапувачи да прибираат средства за покривање на трошоците за одделно собирање на отпадната опрема, соодветно транспортирање, преработка и третман, како и за подогинување на јавната свест и за информирање на јавноста каде граѓаните ќе можат бесплатно да се ослободат од електронскиот отпад“, рече Мазневска.
Претседателот на Асоцијацијата за секундарни суровини и рециклажа при Стопанската комора на Македонија, Владо Момировски информираше дека една компанија веќе има добиено лиценца за колективен постапувач со електричен и електронски отпад. Станува збор за „Нула отпад“, со која договор потпишале околу 90 компании, од вкупно 477 кои се занимаваат со продажба и увоз на електрична и електронска опрема.
„Би сакал да потенцирам колку е важно доследно да се спроведува овој закон.Електричниот и електронскиот отпад во себе содржат опасни елементи. Екраните на компјутерите и телевизорите содржат тешки метали кои се штетни доколку дојдат до допир со природата“, рече Момировски.
Дел од средствата кои ќе се собираат за оваа намена ќе бидат наменети за покривање на трошошите за складирање на штетниот отпад надвор од земјата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“