Oд 1 јули, лековите од листата кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување, ќе се препишуваат на печатен рецептен образец.
 
Целта е да се постигне ефикасност, читливост, исклучување на грешки при пополнување на рецептните обрасци, појасни портпаролот на ФЗО, Бранко Аџигогов
 
Рецептниот образец избраниот лекар  и лекарот замена, е должен да го изготви и пополни во електронска форма, да го испечати и испечатениот рецепт да го завери со печат на здравствената установа, факсимил и потпис на лекарот.
 
Избраниот лекар е должен во рецептниот образец да ги пополни сите  полиња кои се однесуваат во делот на пропишување на лекот и податоците за осигуреникот, а за лековите од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот со режим на пропишување по препорака на специјалист/суб-специјалист да го внесе бројот на факсимилот во соодветното место на рецептниот образец.
 
Од ФЗО наведуваат дека исклучок за печатење на рецепти ќе биде во случај на прекин на електрична енергија, дефект на компјутер или печатач, пропишување на наркотици и опијати, пропишување на лекарства од страна на дежурна служба и слично
 
Печатењето рецепти е само еден дел кон унапредување на здравствениот систем и чекор кон негово комплетно информатизирање. Со печатењето на рецепти ќе се елиминира чекањето по ходници кај матичниот лекар- еден рецепт ќе биде готов само со неколку притискања на компјутерското глувче, се појаснува во соопштението на ФЗО.
 
Воедно се укажува и дека со печатените рецепти ќе се исклучи праксата на шетање на осигурениците од аптека до матичен и назад поради недостатоци на рецептниот образец.

OhridNews
извор: Makfaks