Правилникот за поголема безбедност на материјалите кои се во контакт со храната, ќе почне да важи од први октомври, со што ќе се спречи супстанците од одредени материјали кои доаѓаат во контакт со храната, да се пренесат на истата, пренесува „Макфакс“.
„Од известувањата за небезбедна храна кои доаѓаат преку Европскиот систем за брзо известување една третина од известувањата за небезбедна храна се должат токму од материјалите кои доаѓаат во контакт со храната. Не радува што постапката е започната и до вчера имаме поднесено 114 барања од страна на операторите со храна. До сега се решени 31 барање, за неколку од нив сме во постапка на дорешавање.Се надеваме дека операторите ќе побрзаат со постапката за доставување на барање за регистрација, одобрување, авторизација на производите кои доаѓаат во контакт со храната“, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.
Овој правилник ја регулира безбедноста на материјали како пластиката, гумата, дрвото, стаклото, различни синтетички смоли, премази, восоци и силикон.
„Правилниците ги пропишуваат општите барања кои треба да ги исполнуваат материјалите, односно производите кои доаѓаат во контакт со храната. За дел од нив имаме и посебни барања, за материјалите кои се од особена важност како што е керамиката, или материите кои се испуштаат преку детските цуцли.За две недели ќе биде пуштен правилникот кој се однесува за пластични материјали и правилникот за т.н паметни материјали“, додаде Рунтевски.
Сепак, вели Рунтевски, кај нас, компаниите чекаат последен момент да ги поднесат овие барања. Ако компаниите не ги исполнуваат барањата тогаш ќе следуваат и парични санкции од законот за прекршоци.
OhridNews
извор:„Макфакс“