Една од предвидените мерки со Програмата на Владата која има за цел да им излезе во пресрет на барањата на стопанствениците за воведување нов, ефикасен инструмент за наплата на побарувањата е задолжницата.

Со овој нов инструмент кој го воведува државата ќе се придонесе за намалување на пристигнатите неплатени обврски, подобрување на ликвидноста на стопанството и засилување на економската активност во државата. Задолжницата со која приватните компании ќе може да ги наплаќаат побарувањата во должничко- доверителските односи  ќе стартува од 1- ви септември годинава.

Како што појаснуваат од министерството за финансии, станува збор за проект кој е подготвуван подолго време и во кој се вклучени сите заинтересирани и инволвирани субјекти.

– Новиот инструмент задолжница претставува исправа со која должникот – трговско друштво регистрирано согласно Законот за трговски друштва, дава согласност плаќањето на неговите обврски кон одреден доверител да се изврши по присилен пат од сите негови сметки кај сите носители на платен промет. Доколку не се наплати од паричните средства, задолжницата како извршна исправа, може да се наплати и од друг имот. Задолжницата нема да се користи како инструмент за наплата на приватниот сектор со државата, појасни министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески..

Процесот на издавање задолжница е целосно автоматизиран и се одвива преку системот на Централниот регистар. Задолжницата ја составува нотар преку Регистарот на задолжници што го води Централниот регистар.

OhridNews