Владата го усвои предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните, кој е доставен на усвојување во Собранието.
Со овој предлог закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“. Оваа можност за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.
Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит“, информираше министерот за финансии Драган Тевдовски.
Оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ-то.