Од 15 до 18 јуни Охрид ќе биде домаќин на меѓународниот младински кошаркарски турнир „OHRID HOOPS 2026“, кој годинава ќе собере 11 екипи од пет држави – Македонија, Албанија, Грција, Турција и Црна Гора.

Турнирот, во организација на КК „Колибри“- Охрид и со поддршка на Општина Охрид, ќе се одржи во категориите U11, U13 и U15, а младите кошаркари ќе имаат можност да ги покажат своите способности и талент во четиридневна спортска програма исполнета со натпревари, дружење и нови пријателства.

Посебно внимание привлекува учеството на втората екипа на турскиот кошаркарски гигант Anadolu Efes, како и на реномираниот грчки клуб BC AIAS Evosmou од Солун, што дополнително го потврдува меѓународниот карактер и растечкиот углед на турнирот, велат организаторите.

Покрај спортскиот дел годинава, како што информираат организаторите, се воведуваат и едукативна содржина.

За првпат ќе биде организирана панел-дискусија посветена на работата со најмладите кошаркари и нивната физичка подготовка. Главен предавач ќе биде Марко Рајовиќ, директор на Sports Performance при Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора, кој ќе ги сподели своите искуства и современи практики во развојот на младите спортисти, посочуваат.

Додаваат дека сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо преку интернет, овозможувајќи им на родителите, пријателите и љубителите на кошарката од регионот да ги следат натпреварите во реално време.

Свеченото отворање на турнирот ќе го означат градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и почесниот конзул на Р. Србија во Македонија Михајло Филев, испраќајќи порака за важноста на младинскиот спорт и меѓународната спортска соработка.

Организаторите истакнуваат дека „OHRID HOOPS 2026“ не е само спортски настан, туку место каде што се создаваат нови пријателства, се градат спортски вредности и се развиваат идните генерации спортисти.

Со учество на екипи од пет држави, едукативна програма, директни преноси и хуманитарна мисија, Охрид и ова лето ќе биде вистински регионален центар на младинската кошарка, велат од КК „Колибри“- Охрид.

OhridNews