Обуката на 364 кандидати за пожарникари кои се пријавиле на Јавниот оглас што го распиша Владата, започна денеска. Меѓу нив 12 од Охрид. Вкупно се пријавиле 18 кандидати за пожарникари во Охрид, но 4 од нив според информациите на Агенцијата за администрација, не ги исполнувале бараните услови, a двајца не се појавиле на обука.
Лицата што успешно ќе ја завршат обуката ќе добијат сертификат за гасење на пожари, и ќе може да биде вклучени во справувањето со пожарите низ земјата.
Според најавите, овие лица ќе бидат ангажирани сезонски за надомест од 24000 денари, средства што ќе бидат обезбедени од Владата. Тие ќе поминат брза обука и за една седмица треба да бидат подготвени да помагаат во гасење пожари.
Исто така беше најавено дека дел од пожарникарите кои ќе покажат добри резултати во работењето за време на сезонскиот ангажман, ќе имаат можност да добијат трајно вработување во професионалните единици.
Mакедонија изминатава декада и пол е соочена со големи пожари кои уништија илјадници хектари шума и друга природа. Штетите се огромни, а тие по животната средина и ненадоместливи.
Г.М.