Матурантите од оваа и наредната учебна година, како и досега, ќе бидат тестирани по два екстерни предмета – мајчин јазик и литература како задолжителен и по избор – математика или странски јазик, односно филозофија или естетика за уметничките училишта.
Со двата дополнителни екстерни предмета ќе бидат укинати двата интерни по кои матурантите се оценуваат од нивните предметни наставници.
Како што изјави министерот за образование, Панче Кралев, дополнително во консултации со Државниот испитен центар и со Бирото за развој на образованието ќе биде одлучено кои предмети ќе бидат нови екстерни и како ќе се полагаат.
Електронскиот систем што се подготвува за екстерно тестирање на сите ученици на крајот од учебната година ќе се применува и за спроведување на државната матура. Системот е се уште во подготовка и неговата техничка функционалност ќе се провери на пробно екстерно тестирање.
Годинашната државна матура како и досега ќе се полага на почетокот на јуни.