Од 2013 година, ДДВ обврзниците имаат законска обврска ДДВ-пријавите и даночните биланси пропишани со Законот за данокот на добивка да ги поднесуваат до УЈП по електронски пат преку системот е-Даноци.

Законскиот рок за задолжително поднесување на даночните пријави преку https://etax-fl.ujp.gov.mk за месечните ДДВ обврзници е 1 јануари 2013 година, додека за тримесечните ддв обврзници рокот е 1 јули 2013 година.

Заради навремено усогласување со новите законски обврски, УЈП им препорачува на сите ДДВ обврзниците да не го чекаат последниот рок и да го искористат периодот октомври-декември за прилагодување и користење на придобивките од електронската комуникација и поднесување на даночни пријави и други обрасци до УЈП.

Доколку навреме и во предвидените рокови обврзниците не ги преземат потребните чекори, нема да бидат во можност да ги користат електронските услуги на УЈП, односно постои ризик да не ги исполнат навреме своите законски обврски за поднесување на даночни пријави и пријавување на ДДВ и Данок на добивка во Управата за јавни приходи.

Покрај Интернет и е-Пошта, задолжителен предуслов за регистрација и користење на е-Даноци е Дигитален сертификат на УСБ токен, издаден од овластена куќа, кој е неопходен за електронско потпишување и верификација на постапката на регистрација и на формуларите кои даночниот обврзник ќе ги поднесува.

За практична примена на е-даночните услуги, УЈП секој месец ќе организира обуки и советувања за даночните обврзници низ цела Македонија.

OhridNews