Идната година аеродромот во Охрид добива две нови директни линии и враќа уште една. Авиокомпанијата истовремено ќе го базира шестиот воздухоплов во својата база на Меѓународниот Аеродром Скопје, што е значаен чекор напред за поддршка на нивната експанзија со нови авиолинии на македонскиот авијациски пазар.

Од 2026 Виз ер отвора три нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром

Идната летна сезона на летање која почнува на крајот од март 2026, Меѓународниот Аеродром Скопје за прв пат ќе се поврзе со Неапол (Италија), а повторно ја воведува дестинацијата Будимпешта (Унгарија). Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид пак, добива директни летови до Милано Малпенза (Италија) и Вроцлав (Полска), а ја враќа рутата до Катовице (Полска).

Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид.

Новите летови заедно со повторно воведените дестинации од Скопје и од Охрид ќе бидат уште една можност да се запознаат нови култури, да се видат нови историски обележја, да се почувствуваат нови традиции, велат од ТАВ Македонија, посочувајќи дека тоа е резултат на успешната соработка меѓу комапнијата, Виз ер и Владата.

Со ова проширување на мрежата на авиолинии, двата македонски аеродроми добиваат засилена улога како клучни врати кон Европа и пошироко. Овие нови авиолинии се резултат на нашата стратешка соработка со Владата и со авиокомпанијата Виз ер, со цел да се зголемат можностите за патување и мобилност на граѓаните. Сигурен сум дека новите дестинации како Неапол од Меѓународниот Аеродром Скопје, Милано и Вроцлав од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид како и враќањето на Будимпешта од скопскиот аеродром и Катовице од охридскиот, ќе бидат атрактивни за граѓаните и ќе придонесат кон конкуретноста на двата аеродроми во регионот, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Неџат Курт – генерален директор на ТАВ Македонија.

Новите авиолинии од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе ги спојат сите вљубеници во патувањето со Неапол – градот на уметноста и гастрономијата, родното место на пицата и влезната порта за спектакуларното Амалфи крајбрежје и со Будимпешта – „Бисерот на Дунав“ со величествени мостови, термални бањи и архитектура што раскажува европска историја.

Летовите од Скопје до Неапол и до Будимпешта од скопскиот аеродром ќе стартуваат на 30 март 2026 година, а ќе се реализираат секој понеделник, среда и петок.

Меѓународниот Аеродром Скопје.

Од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид пак, патниците ќе имаат можност директно да се поврзат со полските градови Катовице и Вроцлав, модерни индустриски и културни центри, познати по живописните музички фестивали, по готска архитектура и урбана енергија, како и Милано, светската престолнина на модата и дизајнот.

Летовите од охридскиот аеродорм до сите 3 дестинации ќе се одвиваат два пати неделно, до Милано Малпенза ќе стартуваат исто така на 30 март 2026 година, а додека за Вроцлав на 7 јуни и Катовице, на 8 јуни идната година.

OhridNews