Веќе втора година по ред во просториите на Црвениот крст Охрид се одржува циклус на бесплатни часови за цртање. Љубителите на уметноста и сите оние кои имаат афинитети да ги направат првите чекори кон уметничките води, имаат ретка можност да ги совладаат техниките на цртање преку едукативно интерактивен процес.
Преку часовите што ги води талентираниот студент од УИНТ, Филип Стојковски, младите надежни творци ќе можат да ја искористат својата креативност, односно енергијата да ја насочат кон создавање ремек дела.
„Цртањето ми е долгогодишно хоби, иако не ми е главна струка. Конечно најдов време и можности, да ја остварам мојата страст кон уметноста. Многу млади и талнетирани луѓе, бараат начин да ја искористат својата креативност преку активностите на Црвениот крст. Затоа одлучив дека оваа едукација, најсоодветно ќе биде да се изведе преку неа.“ – вели битолчанецот Филип Стојковски, кој веќе втора година волонтира во ОО Црвениот крст од Охрид.
Овој курс на охриѓани им нуди можност за презентирање на замислените идеи, изучување на методите на цртање, односно подобрување на перфомансите преку клубот „Арс Вивенди“, кој функционира во рамките на Црвениот крст.
„Ова е трет циклус на курсот за цртање. На крајот од програмските активности кои треба да завршат во мај, планираме да имаме поголема групна изложба. Замислено е да се презентира работата на членовите од „Арс Вивенди“, односно да се види напредокот кој го имаат постигнато за релативно краток временски период од само два месеца.“ – додава Стојковски.
Старосната граница на оние кои сакаат да ги посетуваат бесплатните часови по цртање е од 14 години нагоре, без разлика дали лицата имаат претходни искуства или знаења од областа на уметноста.
„Програмата е испланирана така што секој може да пронајде предизвик, без разлика на претходно искуство. Тие што воопшто не се занимавале, имаат шанса да почнат од нула, а другите да продолжат со надградување. Позитивно е тоа што во Охрид, постои интерес за уметноста. Во моментов имаме група од 10-15 луѓе кои активно доаѓаат на курсот.“ – вели Стојковски.
Во однос на техничкиот дел на она што се работи, „Арс вивенди“ се труди на посетителите на курсот да им понуди еднакви можности.
„Материјалите се релативно ограничени, а претежно работиме графика, односно молив. Ги охрабрувам сите што доаѓаат на курсот , освен оваа техника, да продолжат со истражување. Треба да се гради индивидуален стил, а постепено да се разива интерес кон уметноста. Токму овие курсеви, се поразлични од она што се нуди во македонскиот образовен процес.“ – додава битолчанецот Стојковски.
Тој истакнува дека постои погрешна претстава кај народот, кога се работи за уметноста. Според Стојковски, не е потребно само дарба, туку континуитет и трпеливост.
„Погрешна е претставата дека со една изведба, една изложба или потег, ќе се решат сите проблеми и ќе станеме нагло популарни. Таквото размислување води кон нестабилни резултати. Повеќе претпочитам континуитет и затоа ваквата средина е многу важна. Комуникацијата со луѓе со сличен интерес, помага при остварување на човековите афинитети.“ – вели талентираниот уметник Стојковски.
Според него, за уметноста да се искачи скалило погоре, потребно да се искористат оние услови, кои ги нуди земјава, односно реално да се согледа целата ситуација. За делата на охриѓани, вели дека содржат длабина и квалитет без да се знае за тоа.
„Уметноста е потребна на секој човек, затоа што претставува еден вид на едукација на свеста што не може да се постигне на друг начин. Уметноста не е едноставна, бара многу квалитет и залагање. Има многу работа и жртви, за кои човек не е свесен дека ќе мора да ги направи за да стигне до некоја професионална кариера. Пред некој да се одлучи, потребна е храброст и круг каде уметникот ќе расте, ќе сегради и промовира.“ – додава Стојковски.
Во иднина, тој се надева дека по завршување на факултетот и враќањето во родното место, ќе продолжат активностите на клубот „Арс Вивенди“.
„Ако заминам од Охрид по завршувањето на студиите, се надевам дека некој ќе го преземе клубот. Барем дел од дечките да продолжат со работа во Црвениот крст, односно „Арс Вивенди“. Исто така, очекувам дека вакви слични клубови ќе профункционираат во другите градови, како што е Битола и Струга. “ – вели Стојковски, кој покрај ова хоби, веќе 8 години активно се занимава и со Аикидо.
Талентираниот битолчанец порачува дека потребен е тренинг за стекнување чувство, за подоцна новопечените уметници да можат да ги изоштрат своите вештини.
„Мора да прифатиме дека на почеток ќе грешиме. Ги охрабрувам тие што изучуваат уметност, да размислуваат во насока на самата тематика што ја обработуваат, односно самиот пристап. Не е секогаш целта да се направи само едноставна слика, туку да го искористиме мозокот, а сите наши капацитети да функционираат во хармонија за да извелечеме оптимален резултат. Трите потребни параметри се храброста, трпеливоста и секако скромноста. Секој кој ќе учествува на нашите курсеви, ќе може извлече огромна корист од времето потрошено во „Арс Вивенди“.“ – завршува битолскиот уметник и студент, Филип Стојковски.
Инаку, сите заинтересирани можат да се обратат во просториите на Црвениот крст од Охрид, секој работен ден од 08 до 16 часот. Термините за часови се во вторник и четврток од 20 часот.
О.Т.