Дел од легендите од Фудбалскиот клуб Црвена Звезда, синоќа пристигнаа во Охрид, а денеска  започнаа со реализација на богатата агенда за тридневниот престој во нашиот град. Посетата на легендите од познатиот  белградски клуб е во рамки  на прославата на 100-годишниот јубилеј на фудбалот и фудбалскиот клуб Охрид.

Делегацијата на „звездините легенди“ е предводена од легендите Милош Шестиќ, Станислав Караси, Јован Аќимовиќ и „домаќините“ Бошко Ѓуровски и Кирил Дојчиновски, а почесниот претседател Драган Џајиќ во последен момент го откажа доаѓањето во Охрид.

Прв пат како ветерани на „Црвена Звезда“ доаѓаме во Охрид, но поголем дел од делегацијата веќе го има посетено градот, за кој само убави работи се зборуваат. Се надевам дека нашата посета ќе го израдува населението и ќе донесе малку ведрина во овие моменти на пандемијата од коронавирусот која го има главниот збор. Тука сме секогаш за нашите фанови, кои се наш ветар во грб. Се надеваме дека со оваа наша посета и следните каде ќе бидеме повикани ќе им се оддолжиме на навивачите за поддршката која ни даваа и се уште ја даваат на Црвена Звезда, – рече Аќимовиќ.

Тој додаде дека ветераните се неопходни за еден клуб кој се стреми да функционира на високо ниво.

Ние во Црвена Звезда даваме се од себе да оди клубот напред и секогаш сме тука за совет или критика, ако е потребна. Дел од делегацијата е во структурите на клубот, што значи дека легендите се неизбежен дел од функционирање на еден клуб, – истакна Аќимовиќ.

Кога ќе се направи паралела на фудбалот во седумсеттите и осумдесеттите во минатиот век и сега, според Караси недостаува малку љубов.

Сега се е сведено на брзи пари и трансфер веднаш во поголем клуб. Ниту еден фудбалер во било која земја од поранешна Југославија не се гледа десеттици години во еден клуб, туку стреми да направи трансфер во некоја лига од западна Европа и да  профитира. За враќање на фудбалот на нивото како што беше порано, треба прво да се зајакне домашниот шампионат, без разлика дали зборуваме за Србија, Македонија, Хрватска… Националните првенства се база за се. Ако имаш квалитетна лига, младинските школи ќе треба да вадат квалитетни играчи, а за квалитетни играчи ќе треба да работат квалитетни тренери. Што значи дека првенствата го имаат главниот збор. Треба да се направи добра стратегија, да се видат резултатите од последните пет години и да се донесе решение за следните 10-15 години, – изјави Караси.

Формирање на регионална лига би било голем плус за развој на фудбалот. Конкуренцијата ќе се зајакне, а ќе се врати ривалството, кое е неопходно за напредок во спортот.

Не сум сигурен колку е изводливо, но дека е потребно убеден сум. Во ракомет и кошарка постои регионална лига и функционира, но во фудбалот има повеќе масовност, поголем број на навивачи и не сум убеден дека се може да се организиран во најдобар ред. Сепак, треба да се проба, да се најде некое решение, бидејќи регионална лига би била полн погодок, – нагласи Караси.

За тежината на дресот на Црвена Звезда говореше поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски, кој рече неговиот татко е виновник за наклонетоста кон „црвено белите“.

Чест и привилегија е да се биде дел од клуб каков што е Црвена Звезда. Чувството на поврзаност е неверојатно и немам прави зборови со кои можам да ја опишам мојата љубов кон Црвен Звезда. Најзаслужен за наклонетоста кон Црвена Звезда моја и на брат ми Милко е нашиот татко, – изјави Ѓуровски.

Тој ја пофали иницијативата, организацијата и пречекот на белградските „црвено бели“ во Охрид.

Многу се израдував кога слушнав за иницијативата и поканата да бидеме гости во Охрид. Убеден сум дека сите ќе уживаат во Охрид, а оние кои прв пат доаѓаат ќе се заљубат во градот. Сите треба да го почитуваат примерот на Охрид, да се повикуваат клупските легенди од сите клубови од поранешната Југославија, бидејќи само на тој начин ќе се разбуди љубовта кон фудбалот и спортот, – потенцираше Ѓуровски.

Денеска, легендите ќе го посетат манастарскиот комплекс Св. Наум. Утре, претпладне, ќе бидат на градскиот плоштад каде што сите фанови на „црвено белите“ ќе можат да ја овековечат посетата на клупските легенди во Охрид. Посетата на легендите ќе заврши со ревијален натпревар со локалните фудбалски ветерани кој ќе се одигра в сабота во 18 часот, на теренот со вештачка трева на СРЦ Билјанини Извори.

 

OhridNews