Почнувајќи од денес сите сопственици на имоти и други обврзници по основ на локални даноци и такси своите обврски кон Општина Охрид ќе може да ги регулираат на најбрз и најекономичен начин преку новиот систем за електронска наплата. Со овој проект општината ја започнува ерата на дигитализација на своите услуги рече на денешната прес конференција градоначалникот, Кирил Пецаков укажувајќи на предностите од воведување е – данок и процесот на дигитализација на општинските услуги.

Дигитализацијата на Општина Охрид е нужна потреба, а денес го промовираме едниот дел од дигитализацијата на Општина Охрид, а тоа е Е – Даноци. Ова значи дека почнувајќи од денес, сите сопственици на имот и други обврзници по основ на локални даноци и такси свои обврски кон Општина Охрид ќе може да ги регулираат на најбрз и најекономичен начин преку новиот систем за електронска наплата. Исто така, решенијата за комунална такса ќе се доставуваат исклучиво по електронски пат преку официјалните меил адреси на фирмите кои ги имаат доставено до Централен регистар. Она што е доста битно, овој зафат го реализиравме со минимални трошоци и максимални заштеди, приклучувајќи се меѓу првите во Македонија на националната е-ЛСГ платформа поставена во рамките на проектот „Дигитализација на услугите на локалната самоуправа“ имплементиран под покровителство на УНДП и ФИТР, рече градоначалникот Пецаков.

Даночните обврзници на Општина Охрид кои своите обврски сакаат да ги регулираат  по електронски пат потребно е да се најават на https://edanoci.ohrid.gov.mk/ и бесплатно може да ги користат електронските услуги: Проверка на доспеан данок по основ на локален данок на имот; Проверка на данок по основ за комунална такса за фирма; Електронско плаќање  на доспеаните локални даноци и комунални такси; Еден кориснички профил за сите локални даноци на име на корисникот; Плаќање со било која картичка од било каде  24 часа на ден.

Дигитализација на општинските услуги, потенцираше градоначалникот не застанува тука, туку истата продолжува со уште позасилено темпо.

Во најбрз рок ќе стартува унапредувањето на општинскиот информационен систем со овозможување на електронско следење на статусот на предметите од страна на граѓаните, како и амбициозниот проект за воведување напреден виртуелен едношалтерски систем. Со преземните чекори Општина Охрид ќе се етаблира како високо транспарентна и ефикасна администрација не само на национално ниво туку и пошироко во регионот, додаде Пецаков.

Констатирано беше дека граѓаните ќе го почувствуваат овој бенефит веднаш, а очекувањата се дека Општината заштедите ќе ги почувствува веќе од наредната година.

Почнува електронската наплата на данок во Општина Охрид

Н.С.Ј.