Од денеска до 30 август во Охрид ќе се одржува „Охрид Џез Фестивал 2026“, кој во четири фестивалски вечери ќе понуди различни музички изрази – од настапи на млади музичари и етно џез, до класичен и меѓународен џез.

Фестивалот започнува вечерва со „Вечер на млади музичари“ и концертот „Ехо од Македонија“, на кој ќе настапат ученици и професори од ОМУ „Методи Патче“ – Охрид.

На 28 август на програмата е Етно џез вечер, со настап на дуото Сашко Костов и Орхидеја Дукова.

Третата фестивалска вечер, на 29 август, е посветена на класичниот џез. Ќе настапат Дамјан Пејчиноски на гитара, Зоран Јагоридовски на перкусии, Дејан Милосавлевиќ на тапани, Гордан Спасовски на пијано и Горан Гешовски на бас-гитара.

Фестивалот ќе заврши на 30 август со Меѓународната џез вечер и настапот на Branko Sterpin Quartet, со специјален гостин од странство.

Концертите ќе се одржуваат во предворјето на црквата „Св. Софија“, со почеток во 20:30 часот, а влезот е бесплатен.

„Охрид Џез Фестивал 2026“ носи четири вечери, различни музички приказни и една заедничка нишка – џезот.

OhridNews