Најновите геолошки и хидролошки истражувања на Охридското Езеро покажале дека постои промена во балансот на режимот на  полнење и празнење на Охридското Езеро, што во голема мерка може да влијае и на водостојот на езерото сметаат експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид.

– Станува збор за откритија дека езерото се полни и на друг начин од подводните извори за кои знаевме, но не знаевме колкава е количината на вода која доаѓа од нив. На длабочина од 160 метри регистрирани се извори кои се со издашност како светинаумските, односно со 12-16 метри кубни во секунда, истакна Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт од Охрид на трибина посветена на Заштитата на Охридското Езеро, што се одржа деновиве.

Тој укажа дека со истражувањата кои ги спроведоа експерти од Германија и Македонија биле утврдени и одредени тектонски промени во басенот на Охридското Езеро.

– Дното на Охридското Езеро во некои години тонело, во дадени години планините кои се околу него се издигаат или пак повторно пропаѓаат, рече Спиркоски, посочувајќи декаовие научни сознанија треба сериозно да се имаат предвид во планирањето на мерките за заштита на Охридското Езеро.

OhridNews