Екипи на Хидробиолошки Завод – Охрид и професионални нуркачи од Нуркачкиот Центар АМФОРА, реализираа активности за вадење на потонати мрежи во Охридското Езеро кои претставуваат голема опасност за живиот свет во езерото. Акцијата е спроведена во рамки на проект имплементиран од ГИЗ со финансиска подршка на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој.

  • Станува збор за потонати мрежи, кои прават штета не само на рибниот фонд, туку и на други живи компоненти. Загрозени се и пастрмките кои поради нивната специфика и биологија на однесување, кога еднаш ќе се најдат во овие мрежи на нивните рибни пловишта нема повеќе да доаѓаат, ниту да вршат природен мрест. – потенцираат од НЦ „Амфора“.

Мрежите најпрвин беа лоцирани визуелно и со помош ехо сонар, по што истите се врзуваа и подигнуваа на брод, со помош на витло и подводни лифтови, објаснуваат нуркачите вклучени во акцијата.

  • Нуркачите од АМФОРА работеа во екстремни услови  на температура на вода од 8 степени на длабочина од 30-40 метри, во ограничена видливост и големи струења на водата. На места постоеше голема опасност од заплеткување на нуркачите. Притоа, со мрежите беа извадени и скелети од риби, школки, изумрени единки, остатоци од птици, ракови, краби. – истакнуваат од „Амфора“.

Во оваа акција беа извадени вкупно 230 рибарски мрежи со должина од околу 12 километри.

OhridNews