Петнаесет години „Фиона“  е повеќе од само цвеќарница – таа е симбол на доверба, квалитет и љубов кон природата. Од нежните рози што шепотат романса до веселите маргаритки што отелотворуваа радост, секој цвет раскажува приказна. Орхидеите претставуваат елеганција, сончогледите упорност, а лилјаните вера – секој цвет ги одразува вредностите на оваа омилена цвеќара на охриѓани.

Тајната на успехот се должи на истрајност, упорност, посветеност и квалитетна услуга што ја препознаваат задоволните купувачи, вели сопственичката Оливера Кркулеска. А, најважно од се е тоа што го правиш да го одржуваш, додава таа. Идејата да почне сопствен бизнис со цвеќара се родила после нејзината свадбена прослава за која декорацијата ја изработила сама.

Бев задоволна од тоа што го направив. Така и се роди љубовта кон декорациите и цвеќињата. Почнав најпрвин со нарачки од дома, онлајн, за потоа да отворам фирма и постепено да го развивам бизнисот. Без преголеми вложувања и финансии, едноставно искачував едно по едно скалило. Од нула стигнав до првобитна заработка што овозможи понатамошно ширење на производите и услугите кои ги нудиме. Денес, 15 години подоцна, имаме дуќан кој нуди бројни производи и услуги, ја раскажува својата приказна Кркулеска.

На почеток работата била насочена кон декорации на свадби и друг вид прослави.

Правењето букети и режано цвеќе тогаш не ми беа приоритет, повеќе работевме декорации со балони, фигури од балони со ликови од цртаните филмови, моделирање фигури од цвеќиња и овошје… Потоа ми спласна желбата за декорации, па се насочив кон саксиско цвеќе. Следеше период на букети и режано цвеќе. Сега сме во цутот на букетите и цветните аранжмани, истакнува нашата соговорничка.

Цвеќарата „Фиона“ денес нуди широк асортиман на производи и услуги како саксиско цвеќе, вештачко цвеќе, цветни аранжмани, букети, бидермаери, но и плишани играчки за родендени и крштевки, балони со хелиум и декорации. Изработува и свадбени декорации, во помал обем, но се размислува за поактивно вклучување во изработката на декорации за свечени настани.

Не беше секогаш лесно вели Оливера. Во петнаесетгодишното постоење на цвеќарата имало и тешки моменти и предизвици, но сите биле пребродени со упорна работа и позитивната мисла „нема откажување!“.

Корона кризата траеше долго, но имавме работа, луѓето сакаа да си земат цвеќе за дома, можеби немаше свадби и декорации, но имаше љубители на саксиско цвеќе, како и цвеќе што се сади во двор, се потсетува Кркулеска.

Во поглед на тоа колку охриѓани купуваат и подаруваат цвеќе, вели, машкиот пол малку послабо споредбено со жените, но има и исклучоци.

Низ годините се имаат променето навиките за купување. Ако порано се купуваа повеќе украси за разните прослави и настани, сега повеќе се купува цвеќе. Тука има напредок и тоа особено се забележува после ковид периодот. Кон тоа придонесува и растот на стандардот и платите, смета Оливера.

Постојано се купуваат цвеќиња и аранжмани за свечени настани. Традиционално дуќанот е преполн за 8 Март, но и на уште еден празник кој во последно време се помасовно се одбележува и кај нас.

За Св. Валентајн изненадувачки е колку последниве години има интерес за купување цвеќе. За 8-ми Март стандардно секогаш има зголемена побарувачка и потрошувачка на цвеќе и цветни аранжмани. Зависно од интересот некои купуваат букети, други саксиско цвеќе. Букети повеќе се купуваат за свадбените веселби, помалку за родендени и други прослави споредбено со саксиско цвеќе, истакнува Кркулеска.

Во „Фиона“ сезонски во овој период од годината достапни се цвеќињата за садење во двор, додека заштитно цвеќе е орхидеата.

Имаме голем избор на орхидеи кои ни се заштитно цвеќе со солидна цена во секој период од годината. Црвените ружи еквадорки, кои се холандски, исто така ги имаме преку целата година, додава Кркулеска.

Благодарна е на Бога што успеала овие 15 години да го одржи сопствениот бизнис и за се што постигнала, затоа што, вели, само ако нешто искрено се сака Бог ти го дава.

Овој топол јунски викенд што е зад нас, цвеќарата „Фиона“ беше исполнета со возбуда. Балони танцуваа на нежниот ветрец, а мирисот на свежи цветови го исполнуваа воздухот. Блиски, пријатели, соработноци и муштерии се собраа да го прослават 15-годишниот јубилеј на цвеќарата „Фиона“ што започна со еден сон и прерасна во успешна приказна препознатлива во заедницата.

Фото галерија:

По повод 15 години постоење, цвеќара „Фиона“, лоцирана на улица „7-ми Ноември“ бр.26, за своите потрошувачи нуди неделен попуст од 15% на целиот асортиман.

Н.С.Ј./Г.М.
Фото: А. Момироска