Од идната учебна година сите основци ќе учат математика и природни науки по адаптирани наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Универзитетот Кембриџ.

Проектот почна пред три години и засега програмите се применуваат од прво до шесто, а од септември ќе бидат воведени во седмо, осмо и деветто одделение. Со тоа, адаптираните наставни програми по овие предмети ќе го опфатат целото основно образование.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција зборуваше за позитивните резултати од досегашната примена на наставните програми по Кембриџ, кои се објавени на четирите наставни јазици – македонски, албански, турски и српски.

-Овие реформи ја постигнаа целта. Тоа го констатираат и од самиот Кембриџ центар по спроведениот целосен мониторинг на воведувањето и примената на нивните програми и учебници во нашата земја. Извештајот од мониторингот е со исклучително позитивна конотација и констатира дека реформата правилно се спроведува, рече Ристовски.

Соработници од Кембриџ посетиле 60 училишта и од нивниот непосреден мониторинг на часовите составиле извештај во кој заклучиле дека е значително зголемена интеракцијата помеѓу наставниците и учениците.

Според Извештајот, за кој информираше Ристовски, тоа се должи на клучните особености на наставните програми – спирална настава по меѓународни стандарди, која вклучува решавање на проблеми, изнаоѓање решенија за проблемски задачи за време на часот. Тоа, според Кембриџ, иницира зголемен интерес кај учениците за следење на наставата, за вклучување во дискусија и за размислување. Во извештајот е нотирано и дека учениците полесно ги совладуваат и меморираат потребните информации.

По заокружувањето на целото основно, оваа реформа ќе продолжи во континуитет да се спроведува и во средното образование. Примената таму веројатно ќе почне наредната година, за што се направени измени во Законот.

OhridNews