Од следниот месец, идните возачи теоретскиот дел ќе го полагаат електронски, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од сега нема да може тестот да се положи со учењето на 20-те теста за Б категорија или 10-те теста за Ц и Д категорија кои кружат меѓу кандидатите за возачи.
Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, кандидатите ги учеле одговорите на памет, па поради тоа сме сведоци на филмски сцени по улиците.
Во новиот електронски систем се внесени 842 прашања кои неколку месеци ги подготвувале експерти по сообраќај од министерството.
„Досега во системот, во првата фаза, се внесени 842 испитни прашања, на македонски и албански јазик, со графика и реални состојби со сообраќајни ситуации и површини (кружни крстосници, тунели, надвозници) а се планира внесување на уште два пати по 400 испитни прашања,по одобрување на истите. Предвидено е по случаен избор системот да генерира тест од различни испитни прашања. Значи, не само што квантитативно го зголемивме бројот на прашања и ситуации, туку практично ја сведовме на минимум можноста еден тест да се повтори, а со тоа станува бесполезно учењето на тестовите напамет. Наместо претходните 30 комбинации на тестови, со новиот систем добиваме над 80 милиони комбинации на тестови“ изјави Јанкулоска.
Кога кандидат ќе дојде на тестирање, испитната комисија ќе го евидентира, а членовите го активираат неговиот кориснички профил, со што системот генерира корисничко име и лозинка за пристап, единствено за секој кандидат, кои се печатат од страна на испитната комисија и се дава на кандидатот.
Кандидатот со тоа корисничко име и лозинка, може да се најави на системот само од строго определен и нумериран компјутер од испитното место кое го одредува испитната комисија. Од моментот кога кандидатот ќе кликне на копчето „Започни со решавање на тестот”, системот генерира тест и времето предвидено за решавање на тестот почнува да одбројува и тоа во секој момент од тестот ќе му биде видливо на кандидатот.
Тестот содржи 31 прашање. Од вкупно 120 поени за да се положи дозволени се максимум 12 негативни поени.
Тестот може да се најде на веб страницата на МВР, каде има симулатор тест кој создава тест и кој ви покажува колку поени сте освоиле и кај сте згрешиле.
„Со воведување на Електронското полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит за кандидати за возачи на моторни возила, ќе се обезбеди максимална заштита, односно сведена е на минимум можноста за неовластено откривање, симнување, снимање, зачувување, изнесување и давање на испитните прашања т.е комбинациите од прашања во форма на тест. согласно утврден стандард за доверливост и одржливост на електронски системи. Исто така ќе се засили надзорот над работата на испитните центри“ изјави Јанкулоска.
извор:„Макфакс“