Младинскиот совет од Охрид во период од 29.10 – 16.11.2012 г. организираше 12 работилници за штетните последици од консумирање на тутун и алкохол. Работилници се одржаа во седум основни училишта во Охрид и училиштата во Лескоец, Пештани и Велгошти, а беа вклучени вкупно 315 ученици.
По двајца обучени едукатори во секое училиште ги презентираа најсуштинските информации за симптомите на зависностите, причините за консумирање како и начините за превенција и помош кај оние лица кои веќе западнале во проблеми.
Учениците од своја страна презентираа лични искуства и примери поврзани со болестите на зависност, а како една од најчестите ја посочуваат зависноста од пушењето.
-За појавата на заболувањето на зависност од никотин – пушење цигари, голема одговорност паѓа на семејството како основна клетка во општеството. Често пати и самата семејна атмосфера и квалитетот на воспитување имаат големо влијание врз децата. Ставот на родителот спрема психотропни супстанции – особено родител кој пуши цигари претставува негативен модел во семејството и придонесува за искривување на перцепцијата на децата.-велат од МСО.
Работилниците покажале дека децата се свесни за она што се случува во општеството, Меѓутоа тие имаат потреба од понатамошна едукација за вакви теми во кои првенствено е загрозено здравјето на младиот човек.
-Ова е дотолку повеќе е потребно ако се има предвид факторот на идентификација на детето со својот родител, кога се прифаќа моделот на родителот, децата се збунети доколку кај него гледаат негативни вредности: родителот не е искрен, пуши, пие и не се спротивставува на пороците. Токму овој момент беше забележителен кај одредени ученици кои на работилниците сметаа дека капка алкохол не е штетна за организмот на човекот, што е показател за развивање на погрешни вредности.-истакнуваат од МСО.
За да се спречи една игра да премине во болест на зависност не се доволни само пораките, потребно е свесно и совесно делување, а тоа значи вложување во среќна иднина на општеството, само ако секој тргне од себеси!-додаваат од МСО.