Вкупно 50 угостителски маси и 200 столови биле отстренети во акцијата за подигнување на урбаната опрема од јавните површини, која ја спроведе општина Охрид, во текот на изминатите неколку дена. Со оваа акција заклучно со 13-ти јуни биле опфатени 6 угостителски објекти кои не поседувале соодветни одобренија за поставување на урбана опрема или не ги подмириле давачките кон општината.
-Инспекторатот не застанува со оваа акција и ќе продолжиме непоколебливо и со несмален интензитет да си ја вршиме нашата работа и да ги исполнуваме законските обврски кои ги имаме како инспекторат. Ќе се вршат контроли секојдневно и на објектите кои добиле одобрение и ќе бидат проверувани дали се придржуваат до проектот кој го доставиле и дали пријавените површини за кои плаќаат средства на градот се исти со оние кои ги имаат на лице место, изјави Николче Милески, од Општинскиот инспекторат, при Општина Охрид.
За објектите од кои инспекторатот веќе отстранил урбана опрема, а на местото на отстранетата се поставува нова, ќе следуваат прекршочни пријави и глоби кои достигнуваат до 7.000 евра.
-Сите овие активности се прават за да се стави крај на безредието кое го имаше во Охрид со години, а истовремено апелираме уште еднаш до сите објекти кои користат урбана опрема да достават комплетна документација и да се придржуваат на површините, за да се избегнат последиците по нивното работење и да не го нарушуваат изгледот на Охрид, вели Милески.
Од Општина Охрид информираа дека на акцијата на инспекторатот постојано асистирале 10 полициски службеници, а биле забележани случаи на притисоци и ургенции од страна на дел од сопствениците на угостителските објекти.
–Толеранција нема да има за никој, ставот на властите е јасен и непроменлив, акцијата ќе продолжи без влијание од никој и никакви ургенции, а молби или други притисоци нема да помогнат акцијата да запре. Угостителите мора да сватат дека помина времето на безредие и дека не може презадолжениот град кој плаќа дневна камата на извршни пресуди од околу 15.000 евра, да си дозволи некој да не ги измирува обврските кон градот, велат од Општина Охрид.
Од таму објаснуваат дека годинава за прв пат се појавил случај угостителски објекти од т.н. Турска чаршија да не плаќаат давачки кон градот, повикувајќи се на хаосот кој го прават угостителите во близина на централниот плоштад и кејот. Претходно, објектите во Турската чаршија најнавремено и најредовно си ги плаќале давачките уште во месец мај.
Инаку до вчера до Секторот за урбанизам биле доставени вкупно 65 барања за одобренија за поставување на урбана опрема, од кои 45 добиле одобренија, а 15 биле оценети како барања со некомплетна документација и кај нив веќе е извршен или ќе се изврши инспекциски надзор. Пет од доставените барања биле одбиени поради тоа што поставувањето на урбаната опрема не било во согласност со законските прописи.
OhridNews