И официјално се остварија најавите за воведување на директна авио линија од Белград до Охрид. Според информациите кои денеска ги соопшти Српскиот национален авиопревозник „Ер Србија“ линијата ќе започне да функционира од јуни оваа година.
Летовите, според предвиденото ќе се одвиваат трипати седмично и тоа во понеделник, среда и петок, а на линијата ќе сообраќаат турбоелисни авиони „АТР“ со по 66 седишта.
Инаку, станува збор за сезонски авионски линии, меѓу кои се и директните летови на „Ер Србија“ и за Дубровник, Пула и Тиват.
Градоначалникот на Охрид Никола Бкрачески неодамна изјави дека оваа авионска линија ќе придонесе за значителен развој на туризмот во Охрид.
– Со поврзувањето и конекциите кои белградскиот аеродром ги разви изминатите неколку години, Охрид ќе биде поврзан и со голем број европски дестинации од кои може да идаат гости. Со најавената линија на белградскиот аеродром со Њујорк, која ќе започне да оперира пет пати неделно почнувајќи од јуни годинава, се создаваат можности, доколку секако го потпишеме договорот, за поврзување на охридскиот аеродром и со прекуокеанските држави како што е САД и привлекување гости од таму, а ќе ја привлечеме и нашата дијаспора која ќе може на полесен начин да дојде во Охрид, рече градоначалникот Бакрачески.
OhridNews













