На работниот состанок помеѓу градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и менаџерскиот тим на „AIR SERBIA“ што денес се одржа во Белград се раговарало за воспоставување на авио линија од Охрид – Белград и биле разгледани можностите истата да стартува од почетокот на месец јуни до крајот на октомври оваа година.
-На работниот состанок беа разгледани сите модели коишто се во интерес на двете страни. Притоа беше заклучено дека воспоставувањето на авио линијата Охрид – Белград за нас е значајна од два аспекти. Од една страна оваа авио линија ќе биде во интерес на развој на туризмот што би значело носење на туристи на охридската ривиера од Србија но и од европските земји со кои белградскиот аеродром има конекции како и носење гости од Соединетите американски држави ако се земе во предвид фактот дека во скоро време стартува директната авио линија Њујорк – Белград чии летови ќе бидат пет пати неделно. Од друга страна оваа авио линија ќе биде значајна за нашите граѓани кои ќе ги користат поволните можности да патуваат од странските дестинации до дома и обратно преку белградскиот аеродром, информираат од општина Охрид.
На средбата се разговарало и за поддршката и субвенционирањето на овие летови. Градоначалникот Никола Бакрачески изразил уверување дека Локалната самоуправа од Охрид и Министерството за транспорт и врски при Владата на Република Македонија заеднички ќе се заложат за успешна реализација на овој значаен проект.
Инаку белградскиот аеродром „Никола Тесла“ е најфреквентниот аеродром на просториите на поранешна Југославија. Само изминатата година преку него поминале 4.776.110 патници.
OhridNews