Градот на почетокот на март, ќе добие најмодерен здравствен објект каде пациeнтите ќе добиваат услуги по светски стандарди, најавуваат од ЈЗУ Општа болница Охрид. Изградбата на новото болничко крило е речиси готова, а пристигната е и најсовремена опрема која заедно со доекипирање на лекарскиот тим треба да придонесе оваа здравствена установа да прерасне во регионален центар.
Портпаролот на ЈЗУ Општа болница Охрид, д-р Сашо Василески, потенцира дека објектот ќе ги има најмодерните одделенија од хирургија, анестезиологија, урологија, уво- нос- грло, гинекологија…
„Иако изградбата на овој објект се оддолжи, за среќа добивме комплетно нова установа каде не треба да вложиме ништо. Се е на товар на државата, а комплетно сме опремени од мебел и болнички соби до апаратура и лекарства. Условите ќе пружаат дополнителна безбедност на нашите пациенти. Исто така оваа болница ги задоволува најсовремените стандарди и критериуми, така да ќе можеме да ги добиеме сите светски лиценци.“ – вели д-р Василески.
Тој смета дека во изминатиот период не била водена сметка за просторното средување на операционите сали и кабинетите, а не се водела ниту соодветна кадровска политика. Василески истакнува дека оваа година, после долг период вработени се 25 лекари на ниво на општината.
„Уште отсега водиме сметка за стручниот кадар. Имавме управен одбор, каде направивме стратрешки план како треба професионално да се планира. Еден од приоритетите ни е праќање на постоечкиот кадар на специјализација. Овие идни екперти, не можат да се земат како готов производ, туку потребен е долг образовен процес. “ – потенцира д-р Василески.
Василески истакнува дека целиот стручен тим континуирано ќе оди на едукација во странство, а веќе дел од лекарите се испраќаат во светските клиники на доусовршување. „Од моето одделение, дваца интернисти гастроентерохепатолози заминуваат на обука за најнова метода на гастроскопија и доплер. Исто така, дел од хирурузите се испраќаат во болницата „Аџи Бадем“ и во Бугарија, за усовршување на нови методи на операции. Така ќе стигнеме до современ пристап кон решавање на операционите зафати. Плановите се долгорочни, преку кои ќе ја градиме иднината на болницата.“ – истакнува д-р Василески.
Проектите на охридската болница тука не застануваат. Во идниот период, се цели кон реконструкција на стариот интернистички дел, со проширување на ординациите со нов центар за ендокринологија.
„Ке имаме најсофистициран компјутерски томограф. Во новите простории одиме кон ширење на интерното одделение со дијагонистички методи, холтер, доплер дијагноза, тироидна жлезда, интервентна гастроентеро хепатологија. На еден начин, ќе функционираме како поликлиника. Се надевам дека понатаму, ќе се здобиеме со нов реновиран интернистички оддел, каде ќе го прошириме невропсихијатриското одделение. За очното, добивме најмодерна опрема за лекување на органот за вид.“ – додава д-р Василески.
Дел од идните планови се добивање на дигитален мамограф, односно апаратура за заштита на жената од карцином на дојката. Се цели кон обезбедување нови простории за повозрасните луѓе и проширување на инфективното одделение. Исто така, стратешкиот план е насочен кон регионално проширување во соседна Албанија.
„Веќе се направени контакти со ресорното министерство од таа земја. Ќе ги покриваме регионите околу Поградец, Корча, Елбасан и другите населени места каде здравствената заштита е на ниско ниво. Цените за странските пациенти се идентични, со што ќе бидат доста примамливи. Располагаме со високо квалитетен медицински кадар, кој треба да се мотивира. “ – завршува д-р Василески.
Реконструкцијата на охридската општа болница започна во 2010 година и според проценките ќе чини околу 260 милиони денари.
O.T.