Првите количини масло од канабис произведени во Македонија од наградувани специјалисти за екстракција на Холдингот НЅСК, може да се очекуваат во ноември. Производите ќе бидат за извоз за што компанијата веќе води преговори со компании од околните и европските земји, но исто така ќе се понудат и на корисниците на домашниот пазар, дел ќе бидат и за спроведување на клинички испитувања во Македонија.

Од НЅСК најавуваат дека корисниците ќе добијат квалитетни производи и истите ќе бидат поевтини од оние производи кои во моментов се наоѓаат на домашниот пазар. Фабриката тврди дека има доволен капацитет со своето производство да ги задоволи потребите на домашниот пазар. „Нашата цел е да создадеме поквалитетна понуда за потребите на пазарот за што со нас носиме напредно знаење, значително искуство и експерти од оваа област од Колорадо и други делови од САД. Исто така, би сакале да ги поканиме членовите на администрацијата да ги посетат нашите објекти во САД“, изјавија од компанијата.

Маслото од канабис кое ќе се најде на домашниот пазар, според одговорните од НЅСК, ќе има висока концентрација на психотропната супстанција THC (тетрахидроканабинола) која се наоѓа во канабисот и која има најголемо влијание во лечењето на некои тешки болести. Во Македонија во моментов е дозволена употребата на маслото од канабис во медицински цели во лечење на четири болести – рак, ХИВ, мултиплекс склероза и епилепсија. Токму затоа во старт во НЅСК ќе се произведуваат четири вида масла при што соодносот на концентрацијата на THC и на ЦБД (канабидиол) ќе биде различна.

Во новата фабриката под контрола на вработените и под посебен режим веќе се одгледуваат растенијата и според проценките на експертите кои се грижат за целиот процес. Одгледувањето е организирано во неколку делови, според степенот на развој на растението, а целиот процес на одгледување, кој подразбира посебно ниво на влага, светлина и работа на системот капка по капка со кој се наводнуваат растенијата, е  целосно автоматизиран.

Холдингот НЅСК вложи 1,8 милион долари и изгради модерна фабрика на површина од 2000 квадратни метри во која е применета врвна технологија и иновативен пристап како во одгледувањето на канабисот, така и во преработка, екстракција на цветот од канабисот во масло.

OhridNews
Макфакс