Младиот охриѓанец Хадис Иса го продолжува својот фудбалски развој во Германија, каде од оваа сезона настапува за У17 тимот на Викторија Пројсен Франкфурт, во втората германска дивизија за оваа возрасна категорија.

Иса е роден на 7 септември 2010 година, а игра на позицијата централен дефанзивец. Висок е 183 сантиметри, десноног е, а меѓу неговите карактеристики се издвојуваат играта „еден на еден“, смиреноста со топката, читањето на играта и способноста акциите да ги започнува од последната линија.

Иако има само 16 години, зад него веќе има интересен фудбалски пат. Првите чекори ги правел во младинските школи на КФ Тирана, FC Next Level, ГФК Охрид и Воска, а по преселбата во Германија неговиот развој продолжува во повеќе тамошни клубови.

Од 2022 до 2024 година бил дел од DJK SSG Darmstadt, настапувајќи во селекциите У12–У14, по што преминал во TSG Darmstadt, каде играл за У15 тимот. Во првата половина од 2025 година настапувал за У15 на VfB Ginsheim, а сезоната 2025/26 ја минал во У17 тимот на SVS Stephan Griesheim.

Новиот чекор во неговата кариера е Викторија Пројсен Франкфурт, каде од оваа сезона настапува за селекцијата до 17 години.

Фудбалот во семејството Иса има традиција. Хадис е син на Идрис Иса, кој своевремено ги бранеше боите на ФК Охрид и Воска, па љубовта кон фудбалот очигледно се пренесува и на следната генерација.

Младиот стопер сега е фокусиран на настапите и напредокот во Германија, а една од најголемите желби е неговите игри да бидат забележани и да добие можност да се докаже во репрезентацијата на Македонија до 17 години.

Патот допрва се отвора пред младиот охриѓанец, а настапите во германскиот младински фудбал се добра можност за понатамошен развој и стекнување искуство.

Г.М.
Фото: Хадис Иса – Инстаграм