Веќе 10 години охриѓанката Ана Шутиноска гради успешна водителска кариера, која и ги отвори вратите на респектирани медиумски куќи и големите светски настани. За оние кои не знаат, Ана е водител на регионалниот канал Ем ти ви, а повеќе години е со ангажман во Антенна5 радио. Нејзините почетоци и ангажмани се пример како еден млад човек од внатрешноста на земјава може да се изгради како професионален новинар, притоа истакнувајќи ги своите квалитети на (интер)национално ниво. „Почетоците се во нашиот убав град. По запишувањето на факултетот за новинарство, следеше и преселбата во Скопје. Првиот мој ангажман е во приватна музичка телевизија МС, па проектот „Вртелешка“ и ангажманот во каналот Ем ти ви Адриа. Сепак, можноста да бидам дел од Антенна5 Радио и одлуката да ја прифатам, се чини најдобриот потег во мојата кариера. “ – вели Ана Шутиноска, која веќе 8-ма година работи во ова национално радио.


Позитивната страна во мојата професија е секојдневната дружба со македонскиот аудиториум. Тука се разменувањето на мислења и убавата енергија која ја споделуваме секое утро. Од друга страна, Антенна5 Радио е познато по многубројните патувања и посети на разни музички и спортски настани, насекаде во светот.“ – потенцира охриѓанката Шутиноска.

Таа истакнува дека како водител на едно вакво радио кое покрива настани надвор од нашaта земја, често се среќава со славните личности. „Уживам да направам интервју со некоја од славните личности во светски рамки. Позитивно сум изненадена од нивниот однос, кој нималку не наликува на она што примарно сум го замислила за нив. Тие се одлични соговорници, кои точно ја знаат улогата и моќта на медиумите.“ – вели Шутиноска.


Има еден тон настани во кои сум била директно инволвирана. Нема да го заборавам моето прво „MTV ЕМА“ искуство во 2006-та во Копенхаген. Потоа „MTV ЕМА“ во Минхен и годинава во Франкфурт. Меѓу омилените ми се средбите на прес конференциите со Надал, Ѓоковиќ и Федерер и секако мојот омилен тениски мастер во Мадрид. Тука се и фудбалските натпревари, најчесто од англиската Премиер лига, страственото навивање за Реал на „Сантијаго“, како и концертот на Стинг и Кралскиот Симфониски Оркестар во Цирих“ – додава Шутиноска.


Ана најчесто ужива кога е сама, сака да прочита некоја книга или да преслуша нов албум. Она што најмногу и недостига е старата охридска чаршија, но во слободното време знае да „тркне“ до родниот крај. „Моето семејство живее во Охрид, така што не се гледаме често. Но затоа имаме прилично високи телефонски сметки. Сакам  да сум почесто во родното место, да поминувам повеќе време со моите другарки и другари кои се  таму. Уживам да шетам покрај езерото и да дишам убав и чист воздух.“ – истакнува Шутиноска.

За крај, Ана упати и една порака до своите охриѓани: „Трудете се да го живејТе сопствениот живот и да напрајТе нешто појќе за себе и за вашите најблиски.  Никогаш не прифаќајте „НЕ“ за одговор и никој нека не ви кажвиТ дека немојТ поубо. Ве сакам и се гледаме на кафе в чаршија.

O.T