Пред нешто повеќе од една година OhridNews ја раскажа приказната за сестрите Климоски, две млади охриѓанки кои растат и се школуваат во Италија, а својот талент го преточуваат во спортски успеси. Приказната тогаш ја завршивме со надеж дека еден ден можеби некоја од нив ќе ја видиме во црвено-жолтиот дрес на Македонија.
За Марија тој ден пристигна.

Младата фудбалерка со охридски корени Марија Климоска, член на италијанскиот Brescia Femminile, за првпат доби повик во женската фудбалска репрезентација на Македонија до 17 години.
Селекторката Катерина Милеска ја вклучи Климоска меѓу 20-те фудбалерки повикани за двата контролни натпревари против Црна Гора, што ќе се одиграат на 22 и 24 септември во Колашин. Првата средба започнува во 13:30, а втората во 11 часот. ФФМ ја води младата охриѓанка како дефанзивка на Brescia Femminile.

За Марија ова е нов значаен чекор на фудбалскиот пат што го гради во Италија, каде што живее и се школува. Љубовта кон фудбалот ја покажала уште како дете, а денес е дел од младинскиот погон на познатиот женски клуб од Бреша.
Репрезентативниот повик со гордост го одбележа и ACF Brescia Calcio Femminile. Италијанскиот клуб објави фотографија од Марија со македонското знаме во заднина, соопштувајќи дека фудбалерката од нивната Primavera 2 е повикана во македонската У17 репрезентација за пријателските натпревари со Црна Гора.
Честитки, Марија! – порачаа од нејзиниот матичен клуб.
Приказната има и уште една спортска нишка. Марија потекнува од спортско семејство. Нејзината сестра Мила Климоска успешно се занимава со одбојка во Италија.
Сега Марија прави уште еден голем чекор.

Списокот на повикани фудбалерки за репрезентацијата на Македонија до 17 години: Ања Стојмиловска (ЖФК Кочани), Магдалена Иломаноска (ЖФК Пелистер), Марија Климоска (Brescia Femminile), Лина Мицовска (ЖФК Кочани), Софија Величковска (ЖФК Речица), Симона Бошковска (ЖФК Љуботен), Емилија Ивковиќ (ЖФК Скопје), Нина Манасиева (ЖФК Кочани), Стефани Богдановска (BK Häcken), Тамара Атанасовска (ЖФК Скопје), Ања Каранфиловска (ЖФК Истатов), Марија Велиновска (ЖФК Кочани), Душица Лазареска (ЖФК Цевитана), Кеила Алиоски (Team AFF-FFV), Елена Наумоска (ЖФК Скопје), Јана Милошевска (ЖФК Скопје), Софија Велинова (ЖФК Кочани), Ана Марија Велевачкоска (ЖФК Цевитана), Лана Спасовска (ЖФК Речица) и Глорија Тодорова (ЖФК Скопје).
Од Охрид, преку фудбалските терени во Италија, до повикот да ги брани боите на Македонија. Првиот репрезентативен повик е признание за досегашниот труд, но и почеток на едно ново поглавје во нејзината кариера.
Г.М.
Фото: Brescia Femminile I Приватна архива














