ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, бележи 70 отсто пораст во патничкиот сообраќај во 2022, споредено со 2021 година, додека споредено со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 проценти, односно 89 отсто стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.
Двата македонски аеродрома, како што информираат од ТАВ, ја завршија 2022 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај со што достигнаа приближно 2,4 милиони патници или вкупно опслужени 2.371.423 патници и 19.448 летови.
Претставниците на аеродромскиот оператор веруваат дека овој позитивен тренд ќе продолжи и во текот на 2023 година и дека прогнозите на ACI за европскиот аеродромски патнички сообраќај од -9 отсто за 2023 година, во споредба со 2019 година, повторно ќе бидат надминати.
Сигурни сме дека нивото на вложениот труд во секојдневното аеродромско работење и квалитетот на аеродромските услуги за нашите клиенти обезбедени од нашиот искусен, стручен и посветен персонал, како и одличната соработка со сите засегнати страни и властите во воздухопловството дополнително би биле причина аеродромите во Скопје и Охрид да го постигнат барем нивото на воздушниот сообраќај за 2019 година и да слават нови успеси и одлични резултати, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
На охридскиот аеродром, најфреквентна дестинација за патување за 2022 година е Виена (18 отсто пазарен удел), потоа Базел (15,9 проценти), Цирих (11,9 отсто), Меминген (11 проценти), Малме (10,8 отсто), Фридрихсхафен (8,7 проценти), Дортмунд (8,6 отсто), Амстердам (8,3 проценти), додека останатите дестинации се со пазарен удел од 1,2 отсто.
Моментално и според зимскиот ред на летање, од Меѓународниот Аеродром Скопје, 11 авиокомпании (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet) сообраќаат до 36 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 2 авиокомпании (Wizz Air, Chair Airlines) сообраќаат до четири дестинации, информираат од ТАВ Македонија.
OhridNews